Скопјани се жалат дека надвозникот кај Автокоманда, кој скопскиот градоначалник го осветли, заедно со оној кај Бит- пазар – „Дијамант“, е небезбеден, бидејќи коловозот е со огромни дупки, кои ги нарекуваат кратери. Објавувајќи фотографии на социјалните мрежи, тие реагираат дека дупките на овој надвозник стојат со години и бараат да бидат санирани, бидејќи, како што велат, ги искршиле автомобилите.
– Дупки колку што сакаш! Оградата на мостот скапана. Ама важно ЛЕД-светло има – коментираат скопјани.
Од Град Скопје одговорија дека преку своето јавно претпријатие „Улици и патишта“ континуирано работат на одржување и поправка на урбаната сообраќајна инфраструктура, вклучително и санација на ударните дупки, одржување на коловозните ленти и помали интервенции за безбедност на сообраќајот и оти подготвуваат документација за реконструкција и унапредување на инфраструктурата, вклучително и на надвозниците
Скопјани се жалат дека надвозникот кај Автокоманда, кој скопскиот градоначалник го осветли, заедно со оној кај Бит-пазар – „Дијамант“, е небезбеден, бидејќи коловозот е со огромни дупки, кои ги нарекуваат кратери.
Објавувајќи фотографии на социјалните мрежи, тие реагираат дека дупките на овој надвозник стојат со години и бараат да бидат санирани, бидејќи, како што велат, ги искршиле автомобилите.
Некои граѓани коментираат дека овие дупки се од шлеперите што минуваат оттука секојдневно, кон Царината, „Фершпед“, „Цементарница Усје“, но и од други транспортни камиони и автомобили, што, како што потенцираат, е уште еден показател дека треба да се забрани нивно движење по надвозникот.
Освен тоа, забележуваат и тоа дека е скапана и оградата на надвозникот.
– Дупки колку што сакаш! Оградата на мостот скапана. Ама важно лед светло има – коментираат скопјани.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на средината од јануари обелодени дека се осветлени надвозниците „Дијамант“ и „Маџари“, нарекувајќи ги клучни точки на градот.
Тој тогаш потенцираше дека со оваа интервенција, покрај зголемената безбедност, се обезбедува и поуреден, модерен и естетски изглед, достоен за градот што ги пречекува своите граѓани и посетители.
– Со истата посветеност продолжуваме и во иднина, систематски да ги уредуваме и осветлуваме сите мостови и надвозници во Скопје, создавајќи побезбедна сообраќајна инфраструктура и поквалитетен урбан амбиент – изјави тогаш скопскиот градоначалник.
Но, очигледно, светлата ги открија другите недостатоци.
За тоа дали е планирана интервенција на надвозникот кај Автокоманда, но и на другите, од Град Скопје одговорија дека преку своето јавно претпријатие „Улици и патишта“ континуирано работат на одржување и поправка на урбаната сообраќајна инфраструктура, вклучително и санација на ударните дупки, одржување на коловозните ленти и помали интервенции за безбедност во сообраќајот.
– Град Скопје подготвува документација за реконструкција и унапредување на инфраструктурата, вклучително и на надвозниците – тврдат градските власти.
Во однос на осветлувањето, од Град Скопје велат дека иако се осветлени надвозниците и другите сообраќајни точки, што е важен сегмент во безбедноста и е дел од системското одржување, сообраќајната сигнализација и другите елементи се одржуваат и коригираат постојано, едно со друго, соодветно на потребите.
(А. П.)












