Дефинитивно заминува од Србија! Новиот договор е потпишан со една египетска компанија за организација на музички настани. Со тоа, „Егзит“ се сели таму некаде, на некоја друга локација, веројатно на Црвеното Море, од сегашното „Панонско“, како што велат новосаѓани на шега
„Егзит“, најпопуларниот српски музички фестивал со долгогодишен интернационален карактер, кој започнува вечерва, а завршува на 13 јули, за последен пат се одржува во Нови Сад, на Петроварадинската тврдина. Така одлучија организаторите. А, одлуката ни најмалку не беше лесна. Не е од комерцијална природа, туку е последица на притисоците што ги доживеале во Србија поради отворената поддршка на повеќемесечните студентски протести. Потпишан е нов договор со една египетска компанија за организација на музички настани. Со тоа, „Егзит“ се сели таму некаде, на некоја локација, веројатно на Црвеното Море, од сегашното „Панонско“, како што велат новосаѓани на шега.
Во духот на протестот, фестивалот се отвора со мултимедијалниот перформанс „Emergency Exit“, како уметнички одговор на ограничувањето на слободата на изразување.
– Скратено ни е секое јавно финансирање, без кое е невозможно долгорочно да се реализира овој фестивал од вакви меѓународни размери. Но, не прифаќаме да бидеме замолчени. Публиката деновиве ќе го има последниот фестивалски танц на Петроварадинската тврдина. Целиот наш тим ќе го направи годинашното издание најемотивно и најнезаборавно досега – порачаа организаторите.
Дефинитивното заминување на „Егзит“ од Србија беше загрижувачки проследено со коментари и во светските медиуми како што се Би-би-си и „Гардијан“. Самиот фестивал, иако последен, како настан е поддржан од бројни светски музички ѕвезди. Тие побараа „Егзит“ што побрзо да се врати во Нови Сад и Србија.