НОВОПРЕДЛОЖЕНИОТ ЗАКОН ГИ ДОБИВА ПРВИТЕ КРИТИКИ: Како ќе се разликува кој е Србин, а кој Црногорец или Хрват по личните карти?

145

Јазикот на кој некому му се издадени неговите лични документи, како што се лична карта и пасош, не е доволна основа за да се утврди на која етничка заедница ѝ припаѓа таа личност. Оттаму, потребни се поинакви решенија во новопредложениот закон за соодветна и правична застапеност, кој завчера го утврдила македонската Влада. Во спротивно, и натаму ќе бидат можни изигрувања на законот или, пак, оневозможување на припадници на некои етнички заедници да се вработуваат во јавниот сектор преку овој уставен принцип. Ваков е ставот што денеска се соопштуваше во редовите на опозицијата, од каде што порачуваат дека ќе предложат свои решенија.

Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити вчера објавија дека на владината седница била прифатена предложената верзија на законските решенија, која ќе се испрати на увид на Венецијанската комисија.

– Мајчиниот јазик ќе биде клучен за утврдување на етничката припадност, врз основа на која ќе се вршат идните вработувања според новиот Закон за правична и соодветна застапеност. Ова веќе не е само правно решение туку е и посебен закон за соодветна застапеност и во него се вклучени личната карта и другите лични документи за утврдување на етничката припадност – без да се изјави ништо, јасно се гледа на која етничка припадност ѝ припаѓа лицето – изјави Изет Меџити.

Но, од редовите на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ вчера ни изјавија дека ваквото утврдување на етничката припадност ќе создаде проблеми.

– Постојат повеќе причини зошто употребениот јазик не може да биде главен фактор за утврдување нечија етничка припадност. Како, на пример, врз основа на употребениот јазик ќе се разликува кој е Србин, кој Бошњак, кој Црногорец, кој Хрват, кога сите тие користат јазици што се мошне слични? Како ќе се определува кој што е? Од друга страна, многу припадници на одредени етнички заедници имаат лични документи напишани само на македонски јазик. Јас сум Турчин, но моите лична карта и пасош се само на македонски јазик, оти кога морав да ги извадам, немаше обрасци на турски јазик и бев принуден да ги земам оние на македонски. Тврдам дека една четвртина од припадниците на турската етничка заедница имаат лични документи на македонски јазик оти немало обрасци на турски. Како ќе се вработуваат тие граѓани соодветно и правично? – прашува Сали Мурат, поранешен претседател на Уставниот суд и пратеник од „Европски фронт“, од партијата Движење на Турците во Македонија за правда и демократија.

Тој додава дека, освен ова, припадниците на помалите етнички заедници во општините каде што, на пример, е доминантно македонското население, многу често земале лични документи само на македонски јазик. Со предложеното законско решение, вели Мурат, тие не ќе може да се вработуваат во јавниот сектор или, пак, ќе бидат принудени да ги менуваат личните документи.

Денеска реагираше и лидерот на едното крило на опозициската Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Тој обвини дека предложените решенија се утврдени во нетранспарентна постапка, но и дека може да се изигруваат.

– Тука има два листа, со 15 члена што ја регулираат оваа проблематика, од кои само два члена зборуваат за правична застапеност. И тоа со овие два члена се гарантира со членот 6 „дека секој има право кога било да го промени идентитетот“. Се гарантира со закон злоупотребата што се случуваше со „балансерот“. Ништо повеќе. Ова е законот кој се праќа до Венецијанската комисија, за кој, за волја на вистината, тоа се прави само за цели: едните да се фалат дека веќе донеле закон за правична застапеност, другите да добијат време сè додека минуваат локалните избори. Дали треба да дозволиме политичарите да играат со нашата иднина? – рече Села, додавајќи дека „Европски фронт“ нема да поддржи вакво законско решение.

Во подрачните единици на МВР, граѓаните, при поднесувањето на барањата за лични документи, може да изберат да бидат напишани тие и на албански, турски, влашки, српски, ромски и босански јазик и писмо.

Премиерот Христијан Мицкоски и вчера соопшти дека предложениот закон за правична застапеност обезбедува професионализам и компетентност на сите граѓани во Македонија.

– Албанската опозиција повеќе од 20 години имаше можност да создаде закон што ќе обезбеди правична застапеност, но не го направи тоа. Тие создаваа импланти, кои завршија со големи злоупотреби и измами. Таа опозиција, на времето кога беше во Владата, и самата во еден извештај кажува дека времето на, условно кажано, алатката „балансер“ е изминато и треба да се замени со нов начин за обезбедување правична застапеност. Но, кредибилитетот на тие политичари и особено за овој закон е сведен на нула – истакна Мицкоски.

Според премиерот, целта на новиот закон е да се обезбеди професионализам, да е применлив и да не се политизира.

– Да причекаме да се произнесе Вевеницијанската комисија, а потоа сите пратеници во Парламентот ќе го имаат предлог- текстот и ќе може да учествуваат со амандмани и доколку биде усогласена формата, да биде изгласана, а потоа и применета. Сакаме се да биде како што треба за тоа да не се политизира и за да не се создава политичка тема таму каде што нема потреба – нагласи претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ