четврток, февруари 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВОПРЕДЛОЖЕНАТА ОБВРСКА ВО ЗАКОНOT ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ПРЕДИЗВИКУВА РЕАКЦИИ: Идните универзитетски професори...

НОВОПРЕДЛОЖЕНАТА ОБВРСКА ВО ЗАКОНOT ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ПРЕДИЗВИКУВА РЕАКЦИИ: Идните универзитетски професори на тежок испит

Прашањата поврзани со изборот во наставно-научните звања, како и условите за објавување научни трудови во странски списанија, предизвикаа најразлични мислења. Ова е најмногу од причина што сега се предвидуваат нови услови за избор на кадри во наставно-научните звања, какошто се доценти, вонредни и редовни професори, а кои се многу поостри од досега важечките

161

Отежнат пат до професорските звања или стимулирање на личниот квалитет кој ќе доведе и до напредокот во рангирањето на македонските универзитети на светските образовни листи каде сега имаат незавидна позиција? Ваква дилема се појавува врзано за новопредложените решенија во новиот закон за високо образование чија што верзија е на увид на јавноста со цел да се соберат сите критички мислења. Прашањата поврзани со изборот во наставно-научни звања, како и условите за објавување научни трудови во странски списанија, предизвикаа најразлични мислења. Ова најмногу од причина што сега се предвидуваат нови услови за избор на кадри во наставно научните – звања какви што се доценти, вонредни и редовни професори, а кои се многу поостри од досега важечките.

Така, според предложеното, младиот научен кадар, кој сега во најголем дел има асистентски позиции на нашите високообразовни установи, за да напредува ќе мора да има исполнето неколку претходно услови – да има претходен кумулативен просечен успех од најмалку 8, научен степен да доктор на науки, неколку годишно искуство како асистент, да има објавено научни помагала, да бил ментор на кандидати за специјалистички, магистерски, докторски студии… Но, се чини, најпроблематични услови се поставуваат со обврската кандидати за избор во звања доцент, вонреден и редовен професор да имаат објавено и определен број на научни трудови во релеватни светски списанија. Така, според предлогот, за да некој асистент биде избран во звање доцент ќе треба да има објавени или прифатени за објавување најмалку шест рецензирани научни труда во референтна научна публикација од кои најмалку три во списание со фактор на влијание(Web of Science), во последните пет години пред објавување на огласот за избор и најмалку – h индекс 3. Условот за избор во звање редовен професор е да има објавено или прифатени за објавување најмалку шест рецензирани научни труда во референтна научна публикација од кои најмалку четири  во списание со фактор на влијание во базата на Web of Science, во последните пет години пред објавување на огласот за избор и најмалку h-индекс – 5. Некој нов редовен професор, пак, ќе треба претходно  да има објавено или прифатени за објавување најмалку седум рецензирани научни труда во референтна научна публикација од кои најмалку четири  во списание со фактор на влијание во базата на Web of Science, во последните пет години пред објавување на огласот за избор и најмалку h-индекс 8. Слични услови ќе се бараат од кандидатот кога ќе треба пак да се избира во звањето редовен професор – објавени најмалку седум рецензирани научни труда во референтна научна публикација од кои најмалку четири во списание со фактор на влијание во базата на Web of Science, во последните седум години пред објавување на огласот за избор и  h-индекс најмалку 11…

Како што неодамна изјави министерката за образование Весна Јаневска, актуелните доценти и професори ќе бидат ослободени од оваа обврска и таа ќе се однесува само на нови кадри. Но, ваквите услови, а посебно објавувањето на научните трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание, предизвика реакции и меѓу актуелните универзитетски професори. Дел од нив сметаат дека тоа е престрог услов и дека се потценува објавувањето на трудовите на македонски јазик и домашна научна активност. Напоредно, се смета дека е проблематично во нашиот закон да се предвидува обврска за објавување во научните списанија кои се нечии приватни изданија за кои е прашање до кога ќе постојат?

Каролина Ристова – Астеруд, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ за весникот ВЕЧЕР оценува дека излегува дека „науката не е наука ако не е во научни списанија со импакт-фактор“.

-Излегува, дека списанијата се единствена форма на научен израз?!?! Навистина?! Ако веќе збориме за “научни рејтинзи”, во научните кругови “ по белиот свет” многу е поважно и поголема тежина има да објавиш своја монографија, книга или труд во монографија. Науката има и други форми, не сите се објавуваат во журнали и книги. Испаѓа дека задачата на македонската наука не е да биде во функција на потребите на македонското општество и држава, туку за билдање некаков “научен рејтинг” на нас научниците , а со тоа и на државата. Односно, дека данокоплаќачите на Македонија, реалниот сектор, бизниси и работништво, треба да плаќаат за нас, не за да враќаме употребна вредност за по дома, туку за по странство и на странски јазик – потенцира професорката Ристова – Астеруд.

Таа предупредува дека младите научници може да дојдат во ситуација да не прифаќаат да работат на научни проекти значајни за Македонија бидејќи ќе мора да работат на трудови кои ќе можат да влезат во конкуренција за објавување во меѓународни списанија од кои им зависи напредувањето во кариерата.

-А кој ќе тера тоа што сегде тера науката за состојбите во својата земја, а кои не се атрактивни за тие журнали? Друг нека му ја мисли. А што корист од тоа за мала држава? Ама, навистина, ако скокнеме демек на Шангајската листа што корист ќе имаат граѓаните од мои трудови во импакт -списанија и тоа што некој во некоја далечна земја и средина ќе ме цитира баш мене? Научни трудови и друга употребна вредност на научниците е најважно за по дома, па потоа , за што се има интерес и се може, да се презентира и преведува и за во странство – потенцира таа.

Тамара Јованов, професорка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, пак, го проблематизира врзувањето на објавите за корпорација Web of Science.

-Ставање на приватна корпорација Web of Science во закон = заробување на научната мисла во тесни рамки на една компанија, која профитира милиони од тоа. Дополнително, тоа значи и убивање на научна мисла вон импакт фактори – множење со нула на книги, делови од книги, анализи на важни национални прашања, елиминирање на скоро сите домашни списанија… Не се опфатени индексирани публикации од конференции, не предвиделе дека не сите списанија таму се со ИФ, а ги има и такви од висок ранг кои не задолжително имаат ИФ. Исклучување на сите други бази = ставање клуч на отворена наука и креирање елитизам во науката, каде пристап до трудовите ќе имаат само оние со платен пристап до WoS!!! Самите ние немаме пристап до WoS, иако доста од нас објавуваат таму. Притоа, низа светски декларации говорат за штетите од затварање на науката во ИФ кругови! – предупредува оваа професорка во објавата на социјалните мрежи.

Министерката Весна Јаневска деновиве најави дека сите издржани сугестии ќе бидат прифатени.

– Најмалку 60 професори учествуваа во изработка на новата законска рамка. Основата е дадена и продолжуваме со јавна дебата на сите државни универзитети. Законот е објавен и на владиниот ЕНЕР систем и секој може да даде придонес во унапредување на содржината. Тоа што ќе биде издржано, секако ќе прифатиме – рече Јаневска.

Таа неодамна рече дека целта на ваквите услови за нов наставни кадри на нашите универзитети е подобрувањето на позициите на нашите универзитети на Шангајската листа.

-За да еден наш универзитет да се најде меѓу 1.000 најдобри на Шангајската листа треба годишно да објавува најмалку 1.200 трудови во списанијата со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови – рече таа. (Б.Ѓ.)

 

Милевски: Страв кај академската фела од научните трудови

Ивица Милевски, универзитетски професор од Инстотутот по географија на ПМФ во Скопје, на својот профил на Фејсбук објави дека смета оти е „нефер предлогот критериумите поврзани со ИФ трудовите и h-индексот би важеле само за идните редовни професори, не и за сегашните.

-Лично, како редовен професор ми е сосема нелогично да барам од некој иден асистент, магистрант или докторанд, да исполнува некоја норма, од која на пример, јас како редовен не ја исполнувам, а сум ментор и треба да му отварам нови научни видици. Всушност, не ми е јасно зошто толку страв кај дел од академската фела, токму од предлог-критериумите поврзани со трудовите. Дали е навистина толку тешко да се напише еден единствен труд годишно за пореномирано списание. Последниве години, на факултетите и насоките, со исклучок на неколку, немаме некој претеран број на студенти, ниту пак некои други тешки и неизбежни факултетски обврски. Дополнително, платите во високото образование сега се релативно солидни во споредба со другите дејности, имаме секакви можни пребарувачи, технологии и AI алатки што до пред некоја година беше незамисливо – потенцира тој.

ИЗДВОЕНИ