– Музиката е наше заедничко патување кон совршенството – кажа за весникот ВЕЧЕР, во неодамнешното интервју, оперскиот пејач Игор Дурловски, во кое го најави заедничкиот новогодишен концерт со сопругата, врвната оперска пејачка Ана Дурловски, по повод 25 години на сцената.
А, токму двата концерти одржани вчера и завчера на сцената на Македонската опера и балет со симфонискиот оркестар „Ајга“, под диригентство на Ана Спасовска, беа музичко совршенство, кое ја наполни салата до последното место.

Моќно, емотивно и наше, македонско, вака накратко би можела да се опише атмосферата од настапот, кој ги израдува нивните обожаватели, колеги, пријатели, најблиски… кои не ги штедеа дланките да ја наградат виртуозната изведба на љубовните песни од македонската музичка традиција, во нови аранжмани, кои за оваа пригода ги направи композиторот Сони Петровски.
Познатата македонска оперска двојка, Ана и Игор Дурловски, и овој пат, јубилејно, со предзнакот „новогодишно“, одржа концерти за паметење. Од нивните моќни оперски грла се слушнаа десетина композиции, меѓу кои „Си заљубив едно моме“, „Што да правам, што да чинам“, „Нели ти реков, моме Донке“, „Ој ти момче охриѓанче“…
Љубовта, онаа наивна, чиста, недопрена, остварена, но и неостварена, копнежот, страста, а, од друга страна, и зависта, па и болеста и смртта или чувството на љубов во сите нејзини варијанти беа испеани со многу емоции, допирајќи ги срцата на сите присутни во салата, кои потпевнуваа заедно со Игор и Ана.
Беше импресивен и настапот со песните „Дејгиди луди млади години“, „Кажи, Анѓо“, се слушна гласот на Владо Јовановски, кој ја рецитираше песната „Умилкување“ од Петре М. Андреевски, а од сцената одекна и традиционалниот македонски тапан, при изведбата на песните „Стојне бре, Стојне“, „Назад, назад, Калино моме“. Во изведба на извонредниот оркестар „Ајга“, го слушнавме и „Пајдушко“… и сè во режија на Дејан Прошев.
Овациите и долгиот аплауз на публиката, која едноставно не сакаше да заврши оваа музичка магија, беа наградени со бис.
Инаку, концертот по повод четврт век уметничка дејност Дурловски го најавија и со видеопорака на „Фејсбук“, од Златната сала во „Музикферајн“ во Виена, каде што неодамна беа солисти на концертот на Македонската филхармонија. (Д. Т.)












