Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, во соработка со локалната библиотека „Гоце Делчев“, распишаа литературен конкурс за поетски творби на темите „Елката што шепоти“ и „Божиќната ѕвезда“.
Право на учество имаат учениците од сите основни училишта во Општина Велес, поделени во три категории, првата за ученици од IV и од V одделение, втората за ученици од VI и од VII одделение и третата за ученици од VIII и од IX одделение. Рокот за пријавување е до 16 декември.
Творбите треба да бидат напишани на една страница во A4-формат, со фонт Arial 12, на македонски јазик. Секоја творба мора да ги содржи: името на ученикот, одделението, училиштето и името на менторот. Менторите имаат обврска да направат селекција на најдобрите творби и да ги испратат на конкурсната е-адреса: [email protected]
Организаторите најавуваат дека резултатите ќе бидат објавени до 20 декември, годинава, а за најдобрите поетски творби во трите категории ќе бидат доделени прва, втора и трета награда.
Наградите ќе бидат врачени на свечена новогодишна манифестација, а организаторите ќе ги известат училиштата кога и каде ќе се одржи.












