Колку долго ќе живее човекот, освен од генетиката, зависи и од исхраната и од начинот на живот, па затоа често велам: одредете си физичка активност што ви одговара, а нас прашајте нè дали одговара таа за вас и за вашата здравствена состојба. Направете мудар избор на храна. Веројатно, сте го слушнале овој совет. Тоа останува една од најдобрите работи што може да ги направите за вашето здравје
Многу луѓе веруваат дека долговечноста на човекот во голема мера е одредена од генетиката. Сепак, како што покажуваат студиите, гените играат многу помала улога, сочинуваат само околу 7 отсто од човечкиот животен век. Колку долго ќе живее човекот, освен од генетиката, зависи и од исхраната и од начинот на живот, па затоа често велам: одредете си физичка активност што ви одговара, а нас прашајте нè дали одговара таа за вас и за вашата здравствена состојба.
Направете мудар избор на храна. Веројатно, сте го слушнале овој совет. Тоа останува една од најдобрите работи што може да ги направите за вашето здравје. Вклучувањето соодветни количини вистинска храна како овошје, зеленчук, јаткасти плодови, семки, јајца, здраво месо, риба и живина во исхраната може да направи чуда за вашето здравје. Вистинската храна, во суштина, е храна што нема вештачки адитиви и е богата со хранливи материи, кои му се потребни на телото.
Спијте добро и доволно. Квалитетниот сон е, исто така, многу важен за вашето физичко и за вашето ментално здравје, како и јадењето и дишењето. Добриот квалитет и квантитетот на сонот (седум или осум часа) ви помагаат да закрепнете од физичката и од менталната исцрпеност.
Направете рутински здравствени прегледи. Здравствените прегледи се форма на превентивна грижа. Нивната цел е да ги откријат болестите во рана фаза, кога се најизлечиви со помош на лекар и на физиотерапевт.
Научете како добро да се справите со стресот. Нашите медицински истражувања покажуваат дека луѓето што се под голем стрес имаат поголем ризик од срцев и од мозочен удар. Иако, секако, не е можно целосно да го елиминирате стресот од вашиот живот, постојат работи што може да ги направите за подобро да се справите со него. Учењето некои техники за релаксација, прошетката, трчањето, масажата, средбата со пријателите, готвењето, па дури и длабокото дишење одлично ослободуваат токму од стресот. Редовно вежбање – вежбањето е важно за здравјето. Вежбањето е еден од начините да останете физички и ментално подготвени како што стареете. Тоа предизвикува ослободување на хормоните за добро чувство, што е она што ви е потребно за да се опуштите, за да останете оптимисти и за да се чувствувате релаксирано.
Одржувајте здрави пријателства. Имањето добри пријатели има огромни придобивки за целокупното здравје. Истражувањата покажуваат дека кај луѓето со силни социјални врски има помала веројатност од развивање хипертензија и проблеми со менталното здравје како депресија. Не пушете. Пушењето носи висок ризик од прерана смрт. Тешките пушачи, во просек, умираат 10 години порано од непушачите. Ако веќе сте хроничен или тежок пушач, вашиот лекар може да ви препорача стратегии за откажување од пушењето, за ваше добро.
Пијте доволно вода. Невозможно е да се зборува за здравствени навики без да се спомене ова. Водата помага во разградувањето на храната што ја јадете, дозволувајќи му на вашето тело да ги апсорбира хранливите материи. Исто така, ја регулира температурата на телото, спречува дехидрација, ги одржува зглобовите подмачкани, помага да се спречи инфекција (кога пиете повеќе вода, произведувате повеќе урина, што помага во исфрлањето на штетните бактерии).
Почитувани читатели на ВЕЧЕР, како што завршува годината така и јас тука завршувам за оваа година со здравствените теми. Со нови сили во новата 2026 година, повторно ќе пишувам и, секако, секогаш ќе бидам тука за вас и за вашето здравје. И, секако, продолжете да ги читате најдобрите мои теми поврзани токму со вашето здравје во вашиот омилен весник – ВЕЧЕР.
Ви посакувам среќни новогодишни и божиќни празници, останете во добро здравје и грижете се за себе.
Авторот е специјалист по здравствен фитнес, ординација за физиотерапија „Физиотерапевт – здравје“ – Гостивар












