Договорот што Град Скопје треба да го потпише со оваа фирма е вреден 3.260.000 денари, а компанијата најпрво треба да достави банкарска гаранција за извршување. Потоа, ќе биде потпишан договорот и ќе започне поставувањето на новогодишните украси. Но, градските власти сè уште не соопштија кога точно ќе започне поставувањето на украсите, ниту, пак, каква новогодишна програма се предвидува, како и кој ќе ги забавува скопјани за новогодишната ноќ

 

Избрана е фирмата што новогодишно ќе го украси главниот град. Понудата на фирмата „Линк Медиа Плус“ ДООЕЛ била единствена на распишаниот тендер од градските власти, кои за китење на централното градско подрачје и на поголемите булевари ќе треба да „искешираат“ 3.260.000 денари. Откако ова фирма ќе достави банкарска гаранција, ќе биде потпишан договорот.

Компанијата „Линк Медиа Плус“ ДООЕЛ годинава ги доби и тендерите за украсување во скопската Општина Центар и во Општина Штип. Според системот за јавни набавки, „Линк Медиа Плус“ работела и на одржување службени возила на Управата за финансиска полиција, услуги за миење улици, како и набавки на канти за отпадоци. Во 2023 година таа ја изведуваше празничната декорација во Кавадарци, Чаир и во скопскиот Трговски центар.

Според тендерската спецификација, фирмата треба да постави новогодишни и светлосни елементи на повеќе локации низ Скопје. Најголем дел од декорацијата ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што ќе се постави: светлосна фигура „подарок“ од минимум 4 метри должина и 3 метри висина (3 парчиња), новогодишна елка висока најмалку 13 метри, со метална конструкција, вештачко зеленило, украси и светилки, 3Д фигура „мече“ висока 4 метри, големи алуминиумски светлосни ѕвезди во две димензии, 3Д-рамка за фотографирање во форма на Дедо Мраз, ѕвездено небо“ со површина од минимум 800 квадратни метри, лед-мразулци, светлосна обвивка на 25 столбови на канделабрите.

Освен плоштадот „Македонија“, ќе се украсуваат и главните скопски улици и булевари: „Даме Груев“, „Димитрија Чуповски“, „11 Октомври“, булеварите „ВМРО“, „Гоце Делчев“, „Партизански Одреди“, како и улицата „Филип Втори Македонски“. На овие улици и булевари ќе се поставуваат висечки светлосни елементи, лед-фигури, мразулци и декоративни конструкции.

Пред Владата, пак, ќе бидат инсталирани 40 светлосни елементи од типот што се предвидени и за другите булевари. Проектот, според документацијата, се изведува во целост од фирмата, која треба да обезбеди и демонтажа по завршувањето на празничниот период.

Градските власти сè уште не соопштија кога точно ќе започне поставувањето на украсите, ниту, пак, каква новогодишна програма се предвидува, како и кој ќе ги забавува скопјани за Новогодишната ноќ.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ