Нашиот реномиран, светски познат пијанист Симон Трпчески, на 20 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе одржи новогодишен концерт, со кој ќе прослави 25 години плодна кариера на домашната и на светската музичка сцена.

Оваа новогодишна латино-музичка идила, како што посочи самиот Трпчески, е во организација на „Прагма продукција“, а во соработка со Националната опера и балет (НОБ).

На концертот ќе настапи ансамблот „Македонисимо“, Оркестарот на НОБ и концерт-мајсторот на Оркестарот Климент Тодороски, како и неколку гости кои се најавени како изненадување, а музичкиот настан ќе се одржи во два дела. Во првиот дел од овој концерт со кој ќе диригира Сашо Татарчевски, ќе бидат изведени делата од композитори од Латинска Америка, како и дела инспирирани од Латинска Америка, а во вториот дел публиката ќе ужива во македонски дела во аранжман на Панде Шахов, кој специјално за концертот ќе дојде од Лондон.

„За овие 25 години посетив 52 држави. Кога ќе ме прашаат што би им порачал на младите, секогаш велам дека до успех се стигнува со многу работа, посвета и верба. Никогаш не сум направил компромис кога станува збор за апсолутно професионална обработка на дело и апсолутна професионална организација“, кажа на вчерашната прес-конференција маестро Трпчески, кој додаде дека

му се исполнува желбата да свири дела од латиноамерикански композитори кои не се изведуваат често кај нас, но и македонските дела.

Тој исто така истакна и дека секогаш е поголема одговорноста и поинакво е чувството кога се свири дома.

Лани, пред Нова година, Трпчески одржа извонреден концерт со новогодишна и божиќна музика и со бројни гости во истата сала, предизвикувајќи воодушевување кај присутната публика.

ИЗДВОЕНИ