Нов архимандрит доби Македонската православна црква – Охридска архиепископија во ликот на досегашниот игумен на манастирот „Свети Пантелејмон“ во скопско Нерези Агатон (Апостоловски).
-Чинот на ракопроизведување е извршен вчера во манастирската црква „Свети великомаченик Георгиј“ во Криви дол, Скопје од страна на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. На Божествената литургија учествуваа и новиот митрополит Дебарско-кичевски Георгиј и епископот хераклејски Климент – информира Скопската епархија.
Чин архимандрит е последен во монашката хиерархија, а неговите носители стануваат потенцијални кандидати за избор на нови епископи и митрополити во некоја од епархиите на МПЦ-ОА. Во дијацезата на МПЦ-ОА сега има две епархии на кои нема постојани митрополити – Австралиско – новозеландската со која администрира Преспанско – пелагонискиот митрополит Петар и Австралиско-сиднејската со која администира архиепископот г. Г. Стефан.
Ова е ново унапредување на некој од блиските соработници на архиепископот Стефан кој управува со Скопската епархија, а во чии рамки е манастирот „Свети Пантелејмон“. Неодамна за само 16 дена се случи унапредувањето на неговиот поранешен шеф на кабинет отец Георгиј, од чин монах во чин митрополит. (Б.Ѓ.)