Продолжуваат активностите од екоконкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“. По првата фаза спроведена во септември 2025 година, кога беа раззеленети четири училишни двора со преку 500 садници, проектот продолжи со нови акции во две основни училишта.
Со вкупно 160 нови садници се раззеленија дворовите на ОУ „Маршал Тито“ во село Банско, Струмица и ОУ „Андреја Савевски – Ќикиш“ во Тетово. Дворовите добија обновен и поуреден изглед, а учениците активно се вклучија во садењето, покажувајќи интерес за заштитата на животната средина.
Активностите беа проследени со едукативни предавања од експерти на Македонското еколошко друштво, со цел децата преку практична работа да стекнат знаења за значењето на зеленилото и одржливиот развој. Организаторите посочуваат дека токму ваквиот пристап – комбинација од едукација и конкретна акција – создава долгорочни навики за грижа кон природата.
Конкурсот е отворен за сите државни и општински основни и средни училишта и градинки, кои можат да аплицираат за хортикултурно уредување на своите дворови најдоцна до 31 август 2026 година, преку платформата „Заедно едни за други“. Селекцијата ја врши стручен тим составен од претставници на ДМ и на Македонското еколошко друштво, а во секој од месеците предвидени за садење се реализираат по два проекти.
Со овој проект се зајакнува екосвеста кај најмладите и се испраќа порака дека одржливата иднина започнува токму од училишниот двор.












