Ново истражување: Пандемијата на ковид ги остаре мозоците и на луѓето кои не се заразија

86

Пандемијата на ковид беше штетна за здравјето на мозокот дури и кај луѓето кои никогаш не се заразија, покажа ново истражување. Научниците предупредија дека притисокот на кој беа изложени луѓето – од продолжената изолација до неизвесноста што ја придружуваше кризата, ги остаре нивните мозоци. Тие открија дека стареењето на мозокот во пандемијата било поизразено кај мажите, постарите лица и кај оние од посиромашните социјални слоеви, пишува „Хина“.

Моделите на стареење на мозокот биле вежбани на повеќе од 15.000 здрави испитаници. Потоа биле применети на речиси илјада луѓе кои учествувале во долгорочна британска студија наречена „Биобанк“, која го следи здравјето на луѓето на средна и постара возраст. Половина од групата направила скенирања на мозокот пред пандемијата, а останатите пред и по глобалната здравствена криза. Откако ги проучиле снимките, научниците заклучиле дека пандемијата „значително“ го забрзала стареењето на мозокот. До заклучокот дошле врз основа на возраста на нивниот мозок според снимките  споредена со нивната вистинска возраст. Мозоците на испитаниците по доживувањето на кризата имале, во просек, „5,5 месеци поголемо отстапување во возраста на мозокот“.

-Откривме дека пандемијата на ковид е штетна за здравјето на мозокот и предизвикува забрзано стареење на мозокот, независно од инфекцијата со вирусот SARS-CoV-2“ – напишаа експерти од Универзитетот во Нотингем во списанието „Нејчр Комуникејшнс“.

Доктор Али-Реза Мухамади-Неџад, кој го водеше истражувањето вели дека најмногу го изненадило тоа што дури и луѓето кои немале ковид имале значително повисоки стапки на стареење на мозокот.

-Тоа навистина покажува колку искуството со самата пандемија, од изолација до неизвесност, може да влијае на здравјето на мозокотот, рече тој.

Научниците, исто така, истражувале дали заразувањето со Ковид-19 имало влијание врз когнитивните способности на испитаниците, проучувајќи ги резултатите од тестовите извршени за време на снимањето на мозокот. Тие откриле дека оние кои биле заразени имале полоши резултати на когнитивните тестови по пандемијата, наведува „Хина“.

-Ова истражување нè потсетува дека здравјето на мозокот е обликувано не само од болести, туку и од нашата секојдневна околина. Пандемијата изврши притисок врз луѓето, особено врз оние кои веќе имале некои проблеми. Сè уште не можеме да тестираме дали промените што ги видовме ќе исчезнат, но тоа е секако можно и тоа е охрабрувачко, рече професорката по радиологија, Дороти Ауе, виш автор на студијата.

ИЗДВОЕНИ