Нов скандал со нелегално прислушување или злоупотреба на безбедносниот систем во политички цели. Деновиве, обвинувањата од врвот на власта дека додека биле во опозиција, биле следени со амин на тогашниот раководител на АНБ, Виктор Димовски, ги разбудија духовите од минатото, кога два пати безбедносниот систем на државата, со масовни прислушувања, претрпе штета од големи размери, првиот пат со аферата „Големото уво“, која се случи кон крајот на 2000 година и вториот пат, петнаесет години подоцна, со објавувањето на т.н. бомби на СДСМ, предводен од Зоран Заев. Ако во минатото резултатот беше промена на актуелната власт, денеска во јавноста различно се толкува намената на најновите наводи за злоупотреба на безбедносниот апарат во корист на одредена политичка елита.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува правосудните органи да поведат темелна истрага против групата во АНБ што нелегално го следела, заедно со уште неколкумина високи партиски функционери на тогашната опозициска ВМРО- ДПМНЕ, бизнисмени и новинари, случајот да добие правна разрешница, а одговорните казна.
– Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години. Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денеска како премиер, заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности, сум бил жртва на системот, кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене туку и врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата. Сакам да порачам: нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливите заврши. Токму затоа партнерството за отворена власт е наш заеднички одговор. Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога се институциите отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и на демократијата – порача премиерот, кој пред неколку месеци, од собраниската говорница, обвини и дека бил следен од лице со кодно име Цилиндер и дека семејната куќа му ја надлетувал разузнавачки дрон.
Наводите на Мицкоски тогаш се зафати да ги истражува Обвинителство, од каде што тврдеа дека биле споени неколку пријави во една. Случајот доби на интензитет не од истражните органи, туку директно од АНБ, каде што протекоа информациите по брифинг со новинарите. Неофицијалното се официјализира завчеравечер, кога лично директорот Бојан Христовски ги потврди наводите за нелегално прислушување и без да даде повеќе информации, рече дека имаат индиции дека еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата ја злоупотребиле својата службена положба и оти за тоа е известено надлежното Обвинителство.
– Детали за ова не би можел да споделам, бидејќи се работи за детали што се со висока класификација и се сензитивни и не би сакале, меѓу другото, да нарушиме некој законски процес, но воедно и да нарушиме процес кој е или би бил започнат од Јавното обвинителство. Можам да кажам дека јас повеќе го гледам овој ден како ден кога раскрстуваме со минатото, ден кога даваме порака до сите што се дрзнале некогаш да ја злоупотребат својата службена положба, повеќе да не го прават тоа. Се надеваме дека доколку се докаже вина кај тие за кои ние го имаме известено Јавното обвинителство, ќе одговараат за тоа и дека веќе никогаш нема да се повтори незаконското, непрофесионално и неетеичко работење во Агенцијата – изјави Христовски на прославата за одбележување на годишнината од формирањето на АНБ.
Во јавноста веќе почна да се шпекулира со имињата на оние за кои се сомневаат дека биле жртви од нова злоупотреба на системот во периодот од 2019 до 2024 година, односно до промената на власта.
Виктор Димовски, кој во тој период раководеше со АНБ, ги отфрли обвинувањата и тврди дека Христијан Мицкоски не бил предмет на следење.
– Одговорно тврдам дека тој, како лидер на тогашна опозициска партија, во периодот од 2019 до 2022 година, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту „таргет“ кон кој биле применувани какви било оперативно-технички мерки. Точно е дека во наведениот период, согласно со законските надлежности во Агенцијата, имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносните сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник, поради одавање класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство – напиша на својот фејсбук-профил Димовски, кој го повика Христовски веднаш да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено оние што се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата.
– Очекувам дека овој пат нема да има криење со изговори од типот „класифицирани информации со степен на државна тајна“, особено по последните неколку објави во некои „информирани медиуми“ што лиферуваат конкретни имиња на лица што наводно биле цел на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработените и на тајните соработници – напиша Димовски.
Зад него застана и партијата СДСМ, лично лидерот Венко Филипче повика институциите да постапат одговорно и да ги обелоденат сите релевантни информации за да не се злоупотребува безбедносниот систем за политички цели и за дневни пресметки.
– Прво, очекувам да има објективно прикажување на работите, да се знаат фактите во јавноста. Доколку е потребно, да има истрага и да биде задоволена правдата. Ние, во изминатиот период, видовме многу најавени скандали, бомбастично од одредени портали, од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, кои немаа никаква разрешница. Да ве потсетам, имаше некаква најава за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на АНБ, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информациите, па да видиме каква е вистината. За да нема лов на вештерки, лов во матно, мислам дека граѓаните, јавноста го заслужуваат тоа – рече Филипче.
И неколку високопозиционирани функционери од ВМРО- ДПМНЕ деновиве го осудија случајот со злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби од страна на раководители и на вработени.
Наќе Чулев напиша: „На виделина излегоа и причините за мојата професионална дискредитација, но и дискредитацијата на други колеги, незаконското следење, клеветите и координираната манипулативна кампања, со цел елиминација на професионалните кадри од безбедносниот систем, само поради идеолошки разлики. Актуелниот директор на владината СОЗР предвидува дека одговорните ќе се правдаат со разни белешки, инструирани и фабрикувани случаи за надворешно влијание, измислени и наместени причини“.
– Кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ-мерките од 2019 до 2024 година? Дали е, впрочем, одговорен за тоа сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако е така тоа, станува појасно зошто СДСМ и ДУИ не гласаа за негово разрешување – напиша Ивица Томовски.
Неговиот сопартиец, вицепремиерот Александар Николовски, потсети на сомнежите додека биле во опозиција, дека АНБ пишувала клеветнички и лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала.
И власта и опозицијата бараат темелна истрага од надлежното Обвинителство за организиран криминал и корупција, каде што веќе еден месец по добиената пријава од АНБ водат предистрага за нелегално прислушување. Биле доставени три известувања од Агенцијата, кои биле како резултат на внатрешна истрага, која довела до сознанија дека лидер на опозицијата и медиуми биле предмет на обработка, противправно биле користени материјално-техничките ресурси на Агенцијата, а незаконски се спроведувало и следење на комуникациите.
Во интерес на политичките заложби за градење демократски институции по последната афера со прислушувањето, во Собранието треба, но сè уште не профункционира Советот за граѓански надзор на мерките за следење на комуникациите. (П.А.)
Секое незаконско следење е сериозна закана за слободата на медиумите
И додека новинарите жртви на последното масовно прислушување во земјава сè уште чекаат судска разрешница за штетата што ја претрпеле, Здружението на новинари ги повикува надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон, со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста.
– Истовремено, бараме од политичките партии и од носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки во кои користат новинарски имиња, бидејќи со тоа може да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите – пишуваат од ЗНМ.