Старата водоводна инфраструктура од 60 до 70 години и недостигот на инвестиции се главните причини за слабиот притисок на вода во Скопје. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, на брифинг со новинарите, објасни дека брзо се шири Градот Скопје и дека овој вид инфраструктура не го следи тој раст, односно не се поставуваат нови пумпи за да се зголеми притисокот. „Водоводните претпријатија се жалат дека немаат пари за нови инвестиции, но треба да работат порентабилно и да имаат оправдани трошоци“, рече Бислимоски. Тој информираше дека се работи на тоа да се смени сегашниот сложен процес за одредување на цената на водата и одлуката за конечната цена на водата да ја носи Регулаторна. Истакна дека се подготвуваат законски измени со кои одлуката за крајната цена на водата ќе ја прави Регулаторна на ист начин како што го прави тоа за струјата, за парното и за природниот гас
Старата водоводна инфраструктура од 60 до 70 години и недостигот на инвестиции се главните причини за слабиот притисок на вода во Скопје. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, на брифинг со новинарите, објасни дека брзо се шири Градот Скопје и дека овој вид инфраструктура не го следи тој раст, односно не се поставуваат нови пумпи за да се зголеми притисокот.
– Водоводните претпријатија се жалат дека немаат пари за нови инвестиции, но треба да работат порентабилно и да имаат оправдани трошоци – нагласи Бислимоски.
За да се надмине ова, тој информираше дека се работи на тоа да се смени сегашниот сложен процес за одредување на цената на водата и одлуката за конечната цена на водата да ја носи Регулаторна. Како што кажа Бислимоски, водоводните претпријатија се согласуваат за оваа измена. Тие заедно со Регулаторната комисија подготвуваат измена на законските решенија.
– Сега има еден посложен процес за определување на цените на водните услуги. РКЕ носи една одлука со која се определуваат минималната и максималната цена за секоја соодветна услуга што ја даваат водоводните претпријатија и понатаму, врз основа на нашата одлука, Управниот одбор на претпријатието, во рамките на овој опсег од минимум и максимум, носи одлука за цената, која потоа се доставува на одобрување во советот на соодветната општина – објасни Бислимоски.
Првиот човек на РКЕ истакна дека оваа Комисија ќе ја носи одлуката за крајната цена на водата на ист начин како што го прави тоа за струјата, за парното и за природниот гас.
– Со планираните измени, одлуката за цената на водата од РКЕ ќе биде задолжителна за комуналните претпријатија – нагласи Бислимоски.
Тој очекува дека, со измените, претпријатијата ќе ги намалат трошоците и дека ќе ги зголемат инвестициите во мрежата, кои, пак, ќе придонесат за намалување на загубите на вода.
– Имајќи предвид дека сите наши методологии се поттикнувачки и даваат сигнал до претпријатијата, без разлика од која дејност се, да ги намалат своите трошоци, веруваме дека ќе обезбедиме повеќе инвестиции во водоводната инфраструктура во државава. Сега имаме една исклучително лоша ситуација во државава. На државно ниво, загубите на вода ни се 64 %. Веруваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за инвестиции во оваа инфраструктура, која е стара 50-60, некаде и 70 години – потенцираше Бислимоски.
Според него, со тоа ќе се овозможи намалување на загубите на вода, кои ги има, но, исто така, ќе се намали и процентот на ненаплатена вода.
– Тоа е во интерес и на потрошувачите. Тие ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со вода, но за намалување на загубите, нема да има сериозно зголемување на цените за водните услуги. Тоа значи дека ако се намали трошокот за загуби, понатаму може да се користат тие пари за нови инвестиции, без да има никакви сериозни промени на цените за водните услуги – рече Бислимоски, нагласувајќи дека ова е со цел да се спречи од земја богата со вода, да останеме без вода за пиење.
Во Скопје, изминативе години загубите на вода достигнаа и 40 отсто.
Парното нема да поскапи
Цената на топлинската енергија нема да се менува, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад.
РКЕ донесе одлука со која продолжуваат да важат актуелните цени за топлинска енергија, сѐ до донесување нова одлука.
– РКЕ изврши длабинска анализа на доставените податоци за работата на компаниите што вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Градот Скопје. Констатиравме дека за донесување одлука што во целост ќе ги рефлектира реалните трошоци на сите регулирани дејности, посебно производство на топлинска енергија, дополнително е потребна процена на вредноста на основните средства – топланите. РКЕ во февруари испрати барање за процена на основните средства за дејноста производство до Бирото за процена, но до денес го немаме добиено извештајот за процена и поради тоа не може да се направи финална пресметка. За да се овозможи еднаков третман на сите потрошувачи на топлинска енергија на територијата на Град Скопје, РКЕ донесе одлуки да продолжат да важат истите тарифи, односно да не се менуваат сметките за парно, сѐ до нова одлука – изјави претседателот на Регулаторна.
Со последната одлука од 1 февруари, цената за потрошувачите на топлинска енергија во Град Скопје беше зголемена за 5,03 %, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16 %, во последниот квартал од 2024 година.