Новите згради ќе се градат без комшиски благослов!

139

Од Општина Карпош сметаат дека оваа измена не е во согласност со европските директиви и ја намалува транспарентноста. Притоа, ја повикаа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не ги потпише овие измени на Законот. Од партијата ДОМ апелираат до Владата и до Собранието да го преиспитаат пристапот на парцијални измени и да се фокусираат на донесувањето нови закони за градење и за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка постојните нацрт-текстови. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека со укинувањето на членот 62а значително ќе се олеснат процедурите, со што ќе бидат олеснети работата и функционирањето на општините. За градежниците, обврската за изјаснување на соседите била излишна, поради тоа што се измислувале најразлични причини за одолговлекување на постапките, поради неосновани жалби, најчесто поради инает, нарушени меѓусоседски и семејни односи, кои го кочеле градењето

 

 

Законската обврска што ѝ налагаше на локалната самоуправа, при издавањето градежна дозвола, да ги информира соседите во рок од 48 часа доколку е градбата поблиску од три метри до оградата и им даваше право за увид во проектната документација и во издадената градежна дозвола – е избришана. Пратениците со мнозинство гласови „за“ го избришаа членот 62а од Законот за градење, што предизвика реакции во јавноста, бидејќи со неговото укинување соседот го загуби правото на мислење доколку комшијата гради до неговата парцела. Дел од градоначалниците и партиите, како и граѓанските иницијативи, се против, но дел се на ставот дека бил излишен овој член.

Од Општина Карпош реагираа дека е недозволиво соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата и сметаат дека оваа измена не е во согласност со европските директиви и дека ја намалува транспарентноста. Се чудат како укинало владејачкото мнозинство еден вака важен член од Законот. Додаваат дека оваа измена не е во согласност со европските директиви и дека ја намалува транспарентноста. Притоа, ја повикаа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не ги потпишува измените.

– Ваквата одредба навистина претставуваше кочница при изградбата и многу често доаѓаа до израз лошите соседски односи, кои на моменти се претвораа во изживување. Измената предложена уште од министерот Јанакиески беше во согласност со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и од подзаконските акти, а не од волјата на комшилакот. Транспарентноста беше почитувана. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија, која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните, да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи. Според наше мислење, тоа е недозволиво – потенцираат од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека се длабоко убедени оти ова не е барање на локалната самоуправа, туку барање исклучиво на инвеститорите, а, како што наведуваат, Министерството за транспорт и врски се крие зад наводното барање на општините.

И од партијата ДОМ велат дека со загриженост го следат начинот на решавање на предизвиците во областа на градежништвото и нагласуваат дека неодамнешното укинување на членот може да послужи како пример зошто е важно да се пристапи кон системски реформи наместо кон парцијални интервенции.

– Членот 62а имаше цел да им овозможи на граѓаните да го изразат своето мислење во врска со новите градби што може да влијаат на нивните живот и имот. Неговото укинување отвора прашања за начинот на заштита на правата на граѓаните во иднина. Веруваме дека за стабилен и праведен развој на градежништвото, потребни се темелни и долгорочни решенија, вградени во сеопфатни законски рамки. Свесни сме дека постојат подготвени нацрт-текстови за нови закон за градење и закон за заштита на културното наследство, кои нудат можност за создавање таква рамка – се огласија од ДОМ.

Тие апелираат до Владата и до Собранието да го преиспитаат пристапот кон парцијалните измени и да се фокусираат на донесувањето нови закони за градење и  за заштита на културното наследство на здрава основа, користејќи ги како појдовна точка постојните нацрт-текстови. Потоа, да обезбедат транспарентен и инклузивен процес на подготовка и донесување на овие закони, со цел да се создаде правна рамка што ќе ги штити правата на граѓаните, ќе обезбеди одржлив развој и ќе ја унапреди правната сигурност во областа на градежништвото. Воедно, во рамките на новите законски решенија, да се обезбедат механизми за заштита на правата на граѓаните во однос на влијанието на новоградбите.

Од „Шанса за Центар“, пак, укинувањето на членот 62а го гледаат како градење без коментирање.

– Олигархијата ги затвора дупките во законите и истовремено им ги затвора устите на граѓаните – потенцираат од „Шанса за Центар“.

Тие истакнуваат дека со тој член се овозможувало реакција и жалба ако непосредниот сосед смета дека му се обезвреднува имотот или ако му се нарушува квалитетот на животот, познат како „соседско право“.

Од Министерството за транспорт и врски, како предлагач на измените на Законот, сметаат дека биле направени измените по барање на претставници на ЗЕЛС. Градоначалници и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ велат дека е добра измената, бидејќи биле затрупани со неосновани жалби поради инает, нарушени меѓусоседски и семејни односи, кои го кочеле градењето. Сметаат дека правото на приговор и жалба при јавна анкета на детален урбанистички план е доволно за исполнување на т.н. соседско право.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изјави за весникот ВЕЧЕР дека со укинувањето на членот 62а значително ќе се олеснат процедурите, со што ќе бидат олеснети работата и функционирањето на општините.

– Граѓаните, сепак, имаат можност за користење различни видови правни лекови. Токму поради можноста што ја даваше овој член, односно жалбите на одобренијата за градба, се кочеа бројни проекти, вклучувајќи ги и оние од јавен интерес. Токму поради тоа не можеше да се реализира детска градинка во Крива Паланка. А има илјадници такви примери каде што, токму поради овие причини, не може да се реализираат капитални проекти. Со укинувањето на овој член, ќе се олесни патот за реализација на капитални проекти – изјави Ѓорѓиевски.     

На иста линија со Ѓорѓиевски е и Никола Велковски од Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.

-Бидејќи во условите за градба за одредената урбанистичка парцела се пропишани сите услови што треба проектантите да ги почитуваат и да ги исполнат, а тоа треба да го потврдат службите во општината, обврската за изјаснување на соседите беше излишна, поради тоа што измислуваа најразлични причини, работи што се надвор од урбанистичките услови пропишани во изводот од Деталниот урбанистички план за таа урбанистичка парцела и постапките непотребно се одолговлекуваа – заклучи Велковски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ