Од 12 идниот месец, патувањето кон ЕУ ќе стане поавтоматизирано и побезбедно, но и ќе бара подобра подготовка од страна на патниците. Македонските граѓани кои често патуваат кон земјите од ЕУ, особено преку копнените премини, треба навреме да се информираат и да се приспособат на новите правила за да избегнат непријатности и доцнења, за што Министерството за внатрешни работи најави навремено и целосно информирање на граѓаните за новите правила при патување во ЕУ, за да нема застои на патните премини.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, на новинарско прашање денеска посочи дека се во постојана комуникација со европските партнери и дека според првичните најави и сегашната европска регулатива, граѓаните ќе пополнуваат онлајн апликации.

– Разговараме на дневна основа како сето тоа да биде олеснето и подостапно за нашите граѓани. Се согласувам, најголем проблем може да бидат патните премини кај нашите соседи кои се дел од Европската Унија. Затоа, наша обврска е да ги информираме граѓаните комплетно какви апликации треба да поднесат. Според сегашната регулатива, оваа апликација ќе биде онлајн, сето тоа ќе одзема време, ќе биде кратко, но ќе биде со важност од две години. Такви се првичните најави, но кога ќе ги добиеме официјалните  информации од ЕУ, ќе бидат споделени со граѓаните. Таа регулатива е на ЕУ, а ние сме должни да ја почитуваме – рече Јанев, кој присуствуваше на настан за замена на регистарските таблички на службените возила со нови, специјални, во боја.

Новите правила се дел од пошироката стратегија на Европската Унија за подобрување на граничната безбедност и контрола на движењето на патниците. Станува збор за два комплементарни системи. Системот за влез/излез (ЕЕС) претставува автоматизиран ИТ-систем кој ќе ги регистрира сите влезови и излези на државјаните од трети земји кои патуваат во Шенген-зоната без виза. ЕЕС ќе ја замени традиционалната пасошка проверка со дигитална евиденција, што ќе вклучува скенирање на отпечатоци од прсти и лице (биометриски податоци), како и автоматско броење на дозволените денови на престој (максимум 90 дена во период од 180 дена).

Овој систем ќе почне да се применува од 12 октомври 2025 година, а ќе се имплементира постепено во 29 европски земји, меѓу кои се сите 25 членки на Шенген-зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Целосната имплементација се очекува од 10 април 2026 година.

Европскиот систем за информации и одобрување на патување (ETIAS), пак, е сличен на американскиот ESTA, и ќе важи за граѓани на земји кои не се во ЕУ, но имаат безвизен режим со неа — како што е Македонија. Пред патување, граѓаните ќе треба онлајн да аплицираат за одобрување за влез, со важност од две години. Апликацијата ќе биде едноставна, ќе се наплатува симболична такса околу 7 евра, и ќе се одобрува автоматски во најголем дел од случаите. Иако ETIAS сè уште не е активен, се очекува да започне со примена во текот на 2026 година, а Европската комисија ќе го објави точниот датум неколку месеци однапред. Во моментов не е потребна никаква акција од страна на патниците.

ИЗДВОЕНИ