Прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“, која беше на листата на загубари во земјава, им е продадена за 4,2 милиони евра на полска компанија и на македонска фирма од Скопје.
„Еурокомпозит“ имаше неизвесна судбина повеќе од 15 години и од 2021 година беше во стечај. Стечајниот судија во прилепскиот суд, Јасмина Шишковска, го прифати планот за реорганизација, со што фабриката, конечно, беше продадена и првата рата веќе им е исплатена на доверителите.
Сумата од 4,2 милиони евра покрива 65 % од побарувањата на доверителите, кои се согласија со планот. Парите ќе се уплаќаат на четири рати, првата беше исплатена кон крајот на декември 2025 година. Поранешниот вработен и доверител, Цветан Бунтески, вели дека иако 65 % не е целосно задоволувачка сума, подобро е од целосна ликвидација.
– Една рата веќе ни е исплатена, а до 2028 година треба да ги добиеме другите три. Повеќето од луѓето прифатија зашто немаше друг излез – додава тој.
Според планот за реорганизација, ќе се ангажираат од 150 до 200 работници и веќе се преземени првите чекори за промена на инсталациите во фабриката.
Поранешните вработени се скептични, но се надеваат на рестартирање на производството.
– Фабриката не е во многу добра состојба сега, но новите сопственици почнаа да ја менуваат инсталацијата за вода и за струја и веќе ангажираа некои од поранешните работници. Неофицијално се очекува да се произведуваат панцири, шлемови и дронови. Времето ќе покаже како ќе заживее овој некогашен гигант во наменската индустрија – вели Бунтески.
На судските рочишта се појавувале само претставниците на полската компанија, додека македонската фирма не била присутна.












