Новите царини на Трамп за ЕУ најмногу ќе ги погодат автомобилската индустрија во Германија и фармацевтската во Ирска

93

Не се сите европски земји подеднакво изложени на американскиот пазар и затоа нема да имаат исти последици ако американскиот претседател Доналд Трамп ги спроведе своите закани дека од 1 август ќе воведе царини од 30 проценти за земјите на Европската Унија, пишува АФП.

Ирска, со својата важна фармацевтска индустрија, е на првата линија заедно со Германија, за која САД се главен пазар за автомобили, челик и машински алати. Франција е помалку изложена, иако има компании за аеронаутика и храна, како и производители на вино и луксузни стоки кои ризикуваат да изгубат пазари.

ЕУ како целина има годишен трговски суфицит со САД од 235,6 милијарди американски долари, според Бирото за економски анализи на САД (БЕА), кое известува за Министерството за трговија. Поголем суфицит САД имаат само со Кина.

Од членките на ЕУ, Ирска има најголем суфицит во трговијата со САД. Изнесува  86,7 милијарди долари, главно благодарение на присуството на водечките американски фармацевтски компании како што се „Фајзер“, „Ели Лили“ и „Џонсон и Џонсон“. Сите се лоцирале во Ирска за да го искористат корпоративниот данок од 15 проценти, за разлика од американскиот од 21 процент. Овие компании ги регистрираат своите патенти во Ирска и ги продаваат на американскиот пазар, каде што цените на лековите традиционално се повисоки отколку во остатокот од светот. Ирска е исто така домаќин на европското седиште на американските технолошки гиганти како што се „Епл“, „Гугл“ и „Мета“, кои исто така се привлечени од ирскиот даночен систем. Според Евростат, фармацевтските производи сочинуваат 22,5 проценти од извозот на ЕУ во САД, при што главните играчи најавуваат големи инвестиции во САД.

Германија, најголемата економија во Европската Унија, е под посебен притисок од царините што ги најави Трамп поради нејзината зависност од извозот.  Земјата има трговски суфицит со САД од 84,8 милијарди долари, пред се поради  автомобилската, хемиската, челичната и машинската индустрија. САД учествуваат со 23 проценти во приходите на „Мерцедес Бенц“. Иако дел од приходите доаѓаат од теренски возила произведени во САД за извоз, постои ризик тој сегмент да биде силно погоден ако ЕУ одлучи да возврати во царинска војна. Федерацијата на германски индустрии (БДИ) брзо реагираше на објавата на Трамп во саботата и ги повика ЕУ и САД „брзо да најдат решенија и да избегнат ескалација“.

Италија и Франција, поради помалиот суфицит, би биле помалку погодени од новите царини на Трамп. Италија има трговски суфицит со САД од 44 милијарди долари, а Франција 16,4 милијарди, но според американската статистика, зашто според француските податоци суфицитот е многу помал. Сепак, и во двете земји некои сектори се многу изложени. Тоа, пред сè, однесува на прехранбената и винската индустрија, а слично е и со Шпанија.

– Царините од 30 проценти би биле катастрофални за француските вина и жестоки пијалаци, рече Џером Деспи, раководител на одделот за лозарство на синдикатот ФНСЕА.

Од Колдирети, главното земјоделско здружение на Италија, рекоа дека царините од 30 проценти би ги чинеле американските потрошувачи и италијанските производители на храна околу 2,3 милијарди долари. Како и Германија, Италија е загрижена и за својата автомобилска индустрија. Француско-италијанскиот производител „Стелантис“ (особено „Фијат“ и „Пежо“) ги одложи своите прогнози и проекции за оваа година поради неизвесноста околу царините.

Францускиот сектор за аеронаутика и луксузни стоки е исто така многу изложен. ЛВМХ, најголемиот светски конгломерат за луксузни стоки, генерира една четвртина од својата продажба во САД. Околу една петтина од извозот на Франција во САД оди во воздухопловната индустрија, поголемиот дел од него во „Ербас“.

Австрија и Шведска исто така имаат трговски суфицит со САД од 13,1, односно 9,8 милијарди долари, па и тие очекуваат последици од зголемените царини со трговијата со САД.

 

ИЗДВОЕНИ