Владините политики за поддршка за воведување нови авиолинии ги даваат ефектите. Во мај годинава, преку воздушен пат, во земјава влегле 101 илјада повеќе туристи споредено со тој месец лани, што е раст од 20 проценти.

Од аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ велат дека тие се подготвени за прифаќање на сè поголемиот број летала на двата аеродрома, вклучително и на одредени типови широкотрупни авиони, како што се „ербас А350“ и „боинг Б787 дримлајнер“, кои слетаа два пати месецов на Скопскиот аеродром и превезоа групи млади спортисти, при пристигнување и при заминување, кои учествуваа на европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“, кој се одржуваше од 20 до 26 јули

 

Владините политики за поддршка за воведување нови авиолинии ги даваат ефектите. Во мај годинава, преку воздушен пат, во земјава влегле 101 илјада повеќе туристи споредено со тој месец лани, што е раст од 20 проценти.

Според министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, главниот град Скопје води по бројот на туристи, а македонскиот туристички бисер, Охрид, е на второто место.

– Секој ден на Скопскиот аеродром слетува по еден авион со туристи од Германија, Франција или од Англија или тоа се 200 туристи секој ден. Ова покажува дека трендовите во туризмот се менуваат, главно главните градови и туристичките центри се број еден туристичка дестинација во светот, луѓето сакаат да патуваат, да истражуваат – вели Николовски.

Тој потенцира дека тоа е резултат на две политики, едната е поддршка на чартер-летовите. Авиокомпанијата што секој ден со еден авион носи туристи во Скопје, од октомври ќе продолжи со два авиона, кои ќе слетуваат на Охридскиот аеродром.

– Тоа се нови 400 туристи секој ден, а дополнително на тоа е чартерот од Манчестер. За 9 месеци, отворивме 11 нови авионски линии, и тоа дава ефект, затоа што ја променивме политиката на субвенционирање и даваме субвенции на патниците што доаѓаат. Поентата е да подржите повеќе луѓе да доаѓаат во државата, а не да заминуваат. Претходно се давало субвенции за заминување од државата. Така што тие директни летови многу менуваат, се отворија дестинации од Скопје и од Охрид што претходно ги немаше – истакна вицепремиерот Николоски.

Од аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ велат дека тие се подготвени за прифаќање на сè поголемиот број летала на двата аеродрома, вклучително и на одредени типови широкотрупни авиони, како што се „ербас А350“ и „боинг Б787 дримлајнер“, кои слетаа два пати месецов на Скопскиот аеродром и превезоа групи млади спортисти, при пристигнување и при заминување, кои учествуваа на европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“, кој се одржуваше од 20 до 26 јули.

– Пистата на Меѓународниот аеродром „Скопје“ технички ги исполнува условите за прифаќање одредени типови широкотрупни авиони, во согласност со дефинираните оперативни и безбедносни параметри. Во периодот јули 2010 – август 2011, пистата беше продолжена за уште 500 метри, со цел да се добие подолга полетно-слетна патека, од 2.450 метри на 2.950 метри. Дополнително, „ТАВ Македонија“ повторно инвестираше во полетно-слетната патека на Скопскиот аеродром, во 2022 година, со рехабилитација што почна на 28 март, а заврши на 27 мај, со тоа што авиосообраќајот се одвиваше без затворање на аеродромот и со минимално влијание врз авиосообраќајот. Опслужувањето воздухоплови од овој тип е голем успех и доказ дека успешно се развиваат македонските аеродроми. Ова дополнително е одраз и на тоа колку е подготвена „ТАВ Македонија“, како аеродромски оператор, за иднината на аеродромите и за воздухопловството воопшто – велат од „ТАВ Македонија“ за весникот ВЕЧЕР.

Во текот на изминатите два викенда, во текот на пристигнувањето и заминувањето на учесниците на европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ имаше зголемена фреквенција на операции, особено со дополнителните 17 чартер-лета.

– Сите аеродромски операции беа детално испланирани, редовните летови полетаа навреме и без никакво доцнење, а сите авиони, патници и багаж беа опслужени професионално и на високо ниво. Ова се должи на следењето и работењето според процедурите, што е и основата на работењето во авијацијата, но тука се и тимската работа и меѓусебното помагање на вработените, што овозможува навремена и квалитетна реализација на летовите. Покажавме и докажавме дека можеме да се справиме со предизвикот, дека сме подготвени и дека сме во тек со светските случувања во авијацијата, која со брзи чекори се движи напред, а вработените во „ТАВ Македонија“ се цврсто решени да ја следат и да обезбедат квалитетно и навремено опслужување на сите летови, редовни и чартери, и на сите патници и багаж – нагласуваат од аеродромскиот оператор.

Во првите шест месеци од годинава, „ТАВ Македонија“ бележи стабилен пораст на патничкиот сообраќај и двата македонски аеродрома. Изразено во бројки, тоа се вкупно 1.529.451 патник и на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и на аеродромот „Свети апостол Павле“ – Охрид, односно зголемување од 5 % во однос на минатата година. Во тој временски период, бројот на летови е зголемен за 3 % или македонските аеродроми опслужиле вкупно 12.235 лета од јануари до јуни.

Само во јуни, Скопскиот и Охридскиот аеродром имале за 1 2% повеќе патници (324.285) во однос на тој период во 2024 година.

Скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47 % и во првите шест месеци од годинава преку него се превезени вкупно 1,423,039 патници, додека аеродромот „Свети апостол Павле“ – Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 10,9 %, со 103.792 превезени од јануари до јуни. Полугодишните статистички податоци на „ТАВ Македонија“ покажуваат дека во првите шест месеци најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром „Скопје“ била Истанбул, а потоа следуваат Базел Милуз, Франкфурт, Цирих и Минхен-Меминген, Дортмунд и Виена. Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија, Турција, Швајцарија, Италија и Шведска.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ