Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) апелира до Владата да не го предлага новиот драфт на закон за игри на среќа во собраниска постапка.

– Поучени од претходните искуства, сметаме дека предизборната реторика многу штетно ќе влијае на процесот. Повторно ќе започне партиска лицитација со предлози што ќе имаат за цел промовирање на радикални решенија и конечно затворање на легалните објекти за игри на среќа. Таквиот пристап ќе спречи усвојување на долгорочна спроведлива регулатива. Неопходна е широка општествена дебата и инклузивен процес, наместо нов закон по секоја цена. Веруваме дека нашите предупредување ќе бидат примени со добра волја, без предрасуди и надвор од дневно политичките збиднувања – велат од АПИС.

Тие сметаат дека во услови на сериозни економски предизвици е целосно нерационално да се турка нов закон кој во пракса постепено предвидува целосно затворање на легална економска гранка и по автоматизам отворање играње на црно во подрумски простории, како децении наназад.

– Државата ќе ги изгуби контролата и неколку стотици милиони евра годишно кои се слеваат во државниот Буџет. Не сме против нов закон за игри на среќа кој ќе содржи одредби кои предвидуваат заштитни механизми за грижите на јавноста, но нема да дозволиме да бидеме жртви на политичка гилотина во предизборни цели – потенцираат од АПИС и посочуваат повеќе забелешки на драфт верзијата на новиот Закон на игри за среќа.

 

ИЗДВОЕНИ