Се засилува динамиката на кадровски промени во дипломатската служба – Владата веќе одобри испраќање нови амбасадори на неколку локации. На владина седница одржана пред околу две недели, биле усвоени три нови амбасадорски решенија, потврдуваат високи дипломатски извори за весникот ВЕЧЕР. Станува збор за испраќање нови амбасадори во Данска, Шведска и во Албанија, со што започнува процесот на пополнување на дел од испразнетите дипломатски позиции.
Во јавноста се шпекулира и дека во новоотворената Амбасада во Ријад, Саудиска Арабија, дипломатската мисија ќе ја предводи Салим Сулејмани, поранешен пратеник од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, но неговото име сè уште не е поминато на Влада. Сулејмани во мај се повлече од сите политички и партиски функции, веднаш по напуштањето на владината коалиција од страна на неговата партија. Само три дена по неговата оставка, Владата официјално соопшти дека ќе отвори амбасада во Саудиска Арабија.
Во Копенхаген, за амбасадор ќе биде именуван Фадил Зендели, поранешен пратеник од движењето БЕСА. Тој ќе ја замени досегашната вршителка на должност во данската престолнина. Во Стокхолм, каде што неодамна беше отповикан Џенк Сејфула, нов амбасадор ќе биде Ивица Боцевски, кој веќе има дипломатско искуство, како амбасадор на Македонија во Бразил. Поранешниот амбасадор Веле Трпевски се враќа во Тирана, каде што веќе ја извршуваше функцијата пред повеќе од една деценија, а подоцна беше амбасадор и во Австралија.
Дваесетина амбасади чекаат шефови
Согласно со процедурите, од МНР не ги потврдуваат имињата на новите амбасадори сè додека не добијат агремани од земјите во кои треба да бидат испратени. По добивањето на агреманите, предложените кандидати ќе треба да ги бранат своите тези пред собраниската Комисија за надворешна политика, законска обврска поради чие неисполнување претседателката на државата пролетва отповика осуммина амбасадори.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија велат за весникот ВЕЧЕР дека во моментов 24 дипломатско-конзуларни претставништва (амбасади или конзулати) се без именуван амбасадор или генерален конзул. За четири од нив веќе е во тек постапка за назначување, со што овој број ќе се намали на 20.
– Паралелно, се водат разговори меѓу Министерството за надворешни работи, Владата и претседателот на државата, со цел да се дефинира поголема група шефови на ДКП, која треба да ги пополни испразнетите позиции. Во меѓувреме, сите дипломатско-конзуларни претставништва се адекватно пополнети со раководни, професионални дипломати, кои во својство на вршители на должност ги извршуваат сите предвидени дипломатски активности, сѐ до испраќањето на новите амбасадори и генерални конзули. Во однос на имињата на идните шефови на ДКП-а, ве информираме дека станува збор за класифициран податок, донесен на затворена седница на Владата – велат од Министерството во одговор за весникот ВЕЧЕР.
Претходно, во јануари годинава, Владата го предложи нефрологот Игор Николов за вонреден и ополномоштен амбасадор на Македонија во Франција. Николов беше надворешен советник на премиерот за реформи во здравството и претседател на Комисијата за здравство на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. За амбасадор во Токио, Јапонија, е предложена Андијана Цветковиќ, за Украина – Димитар Блажевски, а за Хрватска – Драган Ѓурчевски. Собраниската Комисија за надворешни работи минатиот месец ја прифати програмата на Николов, кој од први септември ќе стапи на функцијата.
Сè уште се празни амбасадорските позиции во Будимпешта, Женева, Ватикан, Астана, Доха, Каиро, како и во конзулатите во Детроит и во Солун и Постојаната мисија во Њујорк.
Именувањето нови дипломати доаѓа во период кога институциите активно спроведуваат реконструкција на дипломатско-конзуларната мрежа, откако во март годинава претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги потпиша указите за отповикување на осуммина амбасадори. Според известувањето од нејзиниот Кабинет, причина за нивното повлекување е тоа што биле испратени на функциите без да ја исполнат законската обврска за сослушување пред собраниската Комисија за надворешна политика – обврска утврдена со член 39 од Законот за надворешни работи. Тие не ги бранеа тезите пред пратениците поради блокади и незакажување седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која, како опозиција, претседаваше со ова собраниско тело. Во Законот е предвидено дека без добиено мислење од оваа собраниска Комисија, постапката за именување не може да се смета за целосна. Оваа одредба претставува клучна алатка за парламентарен надзор врз надворешната политика на државата. Иако мислењето од Комисијата е необавезувачко, сослушувањето е задолжително и неговото прескокнување претставува прекршување на постапката.
На оваа листа се амбасадори што беа назначени за вршители на должноста амбасадор. Тоа се Јакуп Реџепи во Сараево, Џенк Сејфула во Стокхолм, Методија Белевски во Брисел, Агнеса Руси Поповска во Софија, Емил Крстески во Прага, Зеќир Рамчиловиќ во Подгорица, Катерина Ставреска во Лондон и Пајо Авировиќ, како вршител на должноста шеф на Постојаната мисија при меѓународните организации, со седиште во Виена. Руси Поповска во Софија, Ставревска во Лондон и Сејфула во Стокхолм останаа како вршители на должност.
Дополнително беше повикана една амбасадорка назад во земјава, поради редовно завршување на мандатот, а дел од другите дипломатски ротации се веќе започнати.
Оставка поднесе и амбасадорот во Обединетите нации, Љубомир Фрчкоски. Покрај него, беа повлечени и амбасадорот Весел Мемеди од Рим и Андреј Жерновски од Букурешт, но за нивните случаи сè уште течат внатрешните процедури во Министерството.
Во МНР остануваат уште дваесетина испразнети амбасадорски места, меѓу кои и она во Атина, каде што како можен иден амбасадор се споменува сопственичка и извршна директорка на позната ПР-агенција. Официјална потврда за ова назначување засега нема.
Ќе се исполни ли законскиот праг за кариерни дипломати на сметка на политичките номинации?
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, веднаш по стапувањето на функцијата, во неколку наврати порача дека еден од неговите приоритети ќе биде да се стави ред во дипломатската мрежа. МНР во декември лани предложи, а во мај годинава Собранието го усвои предлог-законот за надворешни работи, кој, како што изјави Муцунски, е во насока на воспоставување поефикасна, професионализирана и департизирана дипломатска служба. Една од клучните измени е зголемување на мандатот на амбасадорите од досегашните три на четири години, со можност за продолжување во исклучителни случаи, во согласност со интересите на надворешната политика. Исто така, се зголемува процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати и наместо една третина како досега, со измените најмалку половина (50 %) од амбасадорите ќе мора да потекнуваат од редовите на МНР. Законските измени предвидуваат и јасни рокови за дејствување на Собранието, односно обврска Комисијата за надворешна политика да одржи сослушување на кандидатите за амбасадори во определен временски рок, со што би се избегнале идни институционални блокади, како и ограничување на бројот на вршители на должност и нивниот мандат, со цел да се спречи долготрајно функционирање на дипломатските претставништва без формално назначени амбасадори. Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата.
Измените се веќе во сила, што значи дека новите правила важат за сите идни именувања и постапки. (В.С.Н.)