Чувството на чисто, измиено и уредено беше она што од денеска рано изутрина го чувствуваа минувачите кои стапнуваа на централниот скопски плоштад „Македонија“. Веднаш се забележуваше дека на белите мермерни коцки, кои со години не беа темелно исчистени и потемнети од наталожените слоеви прашина, си ја повратиле природната белина. Дека е исчистено се забележуваше и на сивите мермерни плочки, но и околу клупите за одмор на граѓаните, околу испразнетите канти за отпадоци, насадените дрвја… Сосема поинаква слика од онаа што скопјани со месеци и месеци ја среќаваа кога ќе стапнеа на плоштадот, исполнета со отпадоци, валкани површини, неизмиени и со лоша миризба. Сета ова промена дојде како резултат на синоќешното чистење и миење на плоштадот како дел од акцијата за темелното чистење на Скопје во рок од 72 часа. Акцијата започна кај спортскиот центар „Борис Трајковски“, со околу сто комунални возила, камиони и друга механизација и околу 800 вработени. Сите тие потоа се разлеаја по градските населби за да ги соберат наталоженото ѓубре и отпадот по градското подрачје како резултат на негрижата и на неодговорноста кон сопствениот град на досегашните надлежни органи. Со акцијата, својот четиригодишен мандат го започна и новоизбраниот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски, но го започнаа и десетина градоначалници на скопските општини.
– Ова требаше одамна да се случи. Гледате како главниот плоштад е веднаш со поинаков лик, како се чувствува дека е исчистено. Јас не се сеќавам дека плоштадот некогаш е измиен вака темелно. И не само тој, туку и скалите и кејот околу Камениот мост. Треба вака да се продолжи со одржувањето. Без редовно миење и чистење, сè пак ќе се запусти. Но, и ние, граѓаните, треба да бидеме поодговорни. Не смеат да се фрлат отпадоци, догорчиња… – ни рече скопјанецот Страхил К.
Нечистотиите се чистат, дали несовесните граѓани ќе ги вратат?
Токму со едно такво неодговорно однесување на граѓаните, вчера, на овој плоштад се справуваа комуналните чистачи, кои ја продолжија прексиноќешната акција. Со метални гребла со тешка мака ги откорнуваа залепените гуми за џвакање на мермерните коцки, а кои неодговорни граѓани ги фрлале во долг период.
– Ги има навистина многу. Целиот плоштад е преплавен со нив. Очигледно е дека многумина граѓани ги плукаат тука и тие остануваат трајно залепени. Ние ќе ги исчистиме сега, но за кусо време, пак ли ќе ги има од страна на несовесните граѓани?… – ни рече еден од чистачите од „Комунална хигиена“.
Нешто подолу, на кејот на Вардар околу Камениот мост, работниците од ЈП „Улици и патишта“ со багер го чистеа насипот до реката. Се вадеа кубици земја, троскот, трева и ги товареа на камиони. Околу стотина метри од левиот дел од Камениот мост веќе беа темелно исчистени и се продолжуваше и натаму. Беше очигледно дека за целосно чистење и уредување на овој дел од градот, но и на другите населби, ќе треба уште време, сигурно повеќе од најавените 72 часа.
И градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа рече дека со чистењето ќе се продолжи и натаму.
– Ова „генералка“ нема да биде само 72-часовна акција. Таа ќе продолжи во континуитет, буквално секој ден. И ова што го почнавме не е маркетинг, туку сакаме да покажеме дека кога се сака, сè се може. Тоа е, всушност, наша обврска, а за тоа не плаќаат граѓаните – нагласи Ѓорѓиевски.
Синоќа започна и чистење на површинскиот слој на поранешната депонија „Вардариште“, која досега многупати беше извор на загадување и на загрозување на граѓаните, најмногу од Гази Баба и од Аеродром.
– „Вардариште“ се чисти од површинскиот отпад. Но, во наредните денови ќе биде ангажирана и компанија која ќе започне со процес на одгасување на депонијата, што значи дека не отстапувам од идејата, согласно со физибилити студијата, нашиот народ таму, во делот Гази Баба, но и делот Аеродром, да добијат парк што ќе можат да го користат заедно со своите семејства – најави синоќа Ѓорѓиевски.
Исчистена беше и големата дива депонија на влезот на „Кучевишка Бара“ во општина Бутел, како и други диви депонии кои беа најавени. Стратегијата е, очигледно, да се оди од населба до населба, од депонии и локации со контејнери кои се најзагадени. Од таа причина, во некои населби вчера можеа уште да се забележат некои неисчистени локации, но и тие извесно ќе дојдат на ред за собирање отпад.
Обвинителството чека пријава за камионите плаќани и по 10.000 евра
Но, се чини, акцијата за чистење на метрополата нема да остане само на нејзините јавни површини. Новиот градоначалник најави и темелно „чистење“ на градските јавни претпријатија кои се одговорни за јавна хигиена, превозот, улиците, водовод… Ѓорѓиевски прексиноќа информира дека од нив се отстранети неколку стотици вработени.
– Од работа од јавните претпријатија се отстранети вкупно 398 лице, кои или не оделе на работа или, пак, вршеле злоупотреба на своето работно место, а сето тоа го плаќале граѓаните. Активностите за откривање на злоупотреби во јавните градски претпријатија ќе продолжат и во наредните денови, најави Ѓорѓиевски.
Тој не кажа од кои градски јавни претпријатија се отпуштени работниците, но се дознава дека многумина биле на платен список на „Комунална хигиена“. Според неофицијалните сознанија, голем дел од вработените биле примани по основ на најразлични договори, за што добивале добри плати без да мора да се појавуваат на работа. Колку вкупно вработени има во „Комунална хигиена“ официјално не е соопштено, но според некои сознанија се претпоставува дека има околу 1.800. Според податоците на Министерството за информатичко општество и администрација, на крајот на 2023 година во ова ЈП имало 1.029 постојано вработени. И покрај тоа, оттаму постојано доаѓале поплаки дека немаат доволно чистачи на улици, собирачи на смет и слично, а имаат многу административни работници. Според неофицијални информации, таму на позиција работник на бензинска пумпа на претпријатието биле распределени дури 28 вработени!?
Градоначалникот Ѓорѓиевски откри и дека добил информации дека таму биле правени и други злоупотреби.
– Добив информации поткрепени со документи дека во изминатиот период биле ангажирани возила за чистење во „Комунална хигиена“ и тие возила се плаќани на име на физички лица и на име на интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра. Повикувам да се вклучат институциите надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизија. Еве, имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во „Комунална хигиена“, рече Ѓорѓиевски.
Од Јавното обвинителство вчера ни изјавија дека до вчерапопладне не добиле соодветна пријава за овој случај.
– Надлежни институции за откривање на кривични дела се МВР, Управата за финансиска полиција, инспекторатите. До Обвинителството до овој момент не е доставена ниту пријава ниту известување – соопштија ОЈО Скопје.
Оттаму велат дека до овој момент се работи само на предметот поврзан со загрозување на животната средина од „Комунална хигиена“ со несобирање на отпадот, но не се исклучува дека ќе се отвори нова истрага доколку за тоа се обезбедат докази.
– Обвинителството никого не чека, основ да постапува има точно тогаш кога ќе добие сознанија дека во одреден настан има елементи на кривично дело. Согласно со член 273 од ЗКП сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се известени или за нив дознале на друг начин – објаснуваат од ОЈО.
Од МВР, пак, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека сè уште немале активности околу случајот што го актуализирал новиот скопски градоначалник. Ѓорѓиевски по завчерашното стапување на функција најави вршење на ревизија во градски јавни претпријатија и утврдување на одговорноста за направените злоупотреби. (Б. Ѓ.)
Несобирањето на ѓубрето била стратегија на опозицијата или пи-ар за новиот градоначалник?
Лидерот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, и опозициската партија СДСМ вчера разменија обвинувањата околу тоа кој и што стои зад несобирањето на ѓубрето во Скопје во изминатиов период. Мицкоски рече дека нечистењето на ѓубрето е политичка стратегија на опозицијата.
– За жал, се доведовме до една ваква ситуација и оваа беше политичка стратегија на опозицијата, преку неработењето на претходната градоначалничка им нанесе штета, пред сè на Владата и на државата. И морам да признам дека во одредена мера успеа со сето тоа. Но, ние ја научивме таа лекција и затоа уште во првиот ден ги засукавме ракавите и започнавме од темелите или од под темелите – рече тој.
Премиерот потсети дека така било и кога на стартот на неговата Влада се сретнале со долгови,
– Така е сега и во градот. Така што мора да гребеме од под темелите, за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре. Новиот градоначалник го прави тоа квалитетно, уште од самиот почеток. Јас сакам само да кажам дека немате во животот втора шанса за прв впечаток. Затоа првиот впечаток е многу важен и мислам дека тука новиот градоначалник ќе го оправда тоа – изјави Мицкоски. Опозицискиот СДСМ соопшти дека Скопје со месеци се гушеше во ѓубре, само за да прави новиот градоначалник ПР-трикови.
– Со месеци Скопје се давеше во ѓубре, скопјани секојдневно живееја во нечистотија од која изникнаа глодари, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не преземаше ништо. Наместо да организира чистење на градот, ДПМНЕ намерно го блокираше собирањето смет и не направи ништо, ниту преку ЗЕЛС ниту преку Управниот одбор на Комунална хигиена, буквално ги остави скопјани да се дават во сметот. Скопјани видоа зошто било оставено ѓубрето, зошто ништо не се преземало со месеци, само за да прави Орце Ѓорѓиевски ПР-трикови, циркус спектакли со беспилотни летала и камери. Ова е срамен однос и потценување на сопствените граѓани – нагласија од СДСМ.












