| За празниците најдобро е да се биде дома – како за време на короната |
Најавата за руска зима со снег во Европа, блокадите на граници, штрајковите на аеродроми, а најмногу новиот систем за евиденција на патниците при влез и излез од Европската Унија – ЕЕС, ги менуваат плановите на Балканците да ги искористат празничните неработни денови за патување во некоја европска земја. Многумина велат дека ситуацијата е слична како кога поради Корона, празниците моравме да си ги чекавме дома.
Речиси еден месец е ризик да се тргне кон Грција поради штрајкот на земјоделците кои со механизација ги блокираат граничните премини и патиштата низ државата. Иако ветија дека во два наврата – пред католички Божиќ и околу Нова година ќе се повлечат од границите, граѓаните се уште се колебаат да тргнат на пат кон Грција.
За Балканците тешко достапни станаа и другите земји од Европската Унија, поради примената на ЕЕС системот, за кој празниците, поради зголемената фреквенција на патници ќе бидат своевиден стрес тест. На граница се чека подолго од претходно, зашто новите процедури за земање отпечатоци од четири прсти и сликање на лицето одземаат повеќе време отколку само печат во пасошот. Иако на некои гранични премини има киосци на кои патниците самите можат да ги извршат овие процедури, како што информираат граѓани на социјалните мрежи во Хрватска, Унгарија и на други надворешни граници на ЕУ деновиве се создаваат километарски колони автомобили и автобуси, а чекањето се растегнува повеќе часови. Граѓаните кои овој месец патувале кон европските градови за да ги посетат божиќните базари предупредуваат дека на граница може да се изгуби и цел ден. Туристичките агенции, пак, се снаоѓаат така што го поместуваат терминот за тргнување – одвечер, наместо изутрината и ги советуваат патниците да се „вооружат“ со трпение, зашто чекање на граница во секој случај ќе има. Тие информираат и дека најголемиот метеж на границите се очекува од денеска до 29 овој месец, кога навалицата на патници вообичаено е најголема. Но, камерите на граничните премиени на Хрватска, Унгарија и Бугарија, уште сега покажуваат километарски колони возила.
-Откако ги видовме гужвите, јас и моето момче се откажавме од нашето патување во странство за Нова година. Мораме да тргнеме многу порано, што влијае на целиот план за патување, вклучувајќи ги и трошоците. Потоа, прашање е како би изгледало враќањето… Подобро е да се патува кога не е празник, има помалку гужва, пишува една девојка на Фејбук.
Познавачите велат дека ова што се случува сега на границите не е ништо во споредба со пеколот што ги чека на враќање оние кои успеале да се „пробијат“ до планираната дестинација. На повеќето европски гранични премини примената на ЕЕС што сега е 12 часа во едно деноноќие, од 1 јануари ќе се продолжи за дополнителни два часа.
Да се патува со автомобил и автобус сега е тешко, а ништо подобро не е ниту со авион. Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) предупреди дека ЕЕС предизвикува доцнења за патниците од неколку часа. Според нивните податоци, граничните проверки сега траат до 70 проценти подолго, што дополнително ги оптоварува аеродромските услуги. Но, Европската комисија истакнува дека системот работи претежно без проблеми и дека повеќе од половина од пристигнувањата се веќе регистрирани.
-Исто така, земјите-членки можат привремено да го суспендираат системот во итни ситуации со цел да се ублажат застојот, наведува ЕК.
Долгото чекање на европските граници, во комбинација со руската зима која според метеоролозите во Европа доаѓа за ден-два е причина плус да се сменат плановите за дочек на Нова година во некоја земја на Европската унија. А долго кроените планови за поминување на празниците некаде во странство ги откажуваат и оние кои се спремни да ги издржат долгите чекања на границите. На тоа ги принудуваат штрајковите на аеродромите и на персоналот на авиокомпаниите од Италија и Белгија до Грција и Франција, кои се причина за илјадници одложени и откажани летови. На 31 јануари ќе штрајкуваат контролорите на летање на аеродромот во Верона, а на 9 јануари вработените на италијанските аеродроми. Во Велика Британија по вторпат овој месец ќе ја прекинат работата вработените во одделот за ракување со багаж на аеродромот во Лондон Лутон, кои ќе штрајкуваат од 26 до 29 декември. Во деновите до крајот на годинава аеродромите низ Шпанија по неколку часови ќе бидат погодени од штрајковите на вработените во „Азул Хендлинг“, кој е дел од групацијата „Рајанер“ и е одговорен за ракување со багаж на повеќето летови на авиокомпанијата. Доцнењата и откажувањата летови се неизбежни.












