За само три дена новиот монах Георгиј, кое е новото име на новозамонашениот поранешен македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, доживеа унапредување во два монашки чина. Според сознанијата, по замонашувањето на 27 мај, тој на 28 мај веќе бил унапреден во следниот монашки чин – јеромонах, а вчера и во следниот чин – јероѓакон. Ваквите одлуки ги донел архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а според сознанијата во наредниве денови се очекува унапредувањето на новиот монах во чин – игумен.
Ваквите брзи унапредувања во јавноста ги подгрејуваат информациите дека тој би можел да стане нов Дебарско-кичевски владика, наследник на починатиот владика Тимотеј. Според неофицијални сознанија, тој ќе биде предлог на архиепископот г.г. Стефан. На синодската седница ќе треба да се изврши неговото унапредување во чин архимандрит и потоа во митрополит. Тоа ќе значи дека за само 16 дена ќе биде изоден патот од монах до владика.
-Можам да потврдам дека за 12 јуни е закажана седницата на Синодот во полн состав и дека има точка на дневен ред Избор на нов Дебарско-кичевски владика – ни изјави синодскиот портпарол, епископ Климент. (Б.Ѓ.)