Најави за протести, петиции, поделби, расправии го следат процесот на изборот на новиот митрополит во Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, по починувањето на владиката Тимотеј во ноември минатата година. Ова почна да се случува откако во јавноста се појавија неофицијални информации дека за наследник на владиката Тимотеј веќе е определен новозамонашениот поранешен македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски. Овој професор и поранешен декан на Богословскиот факултет на МПЦ-ОА и долгогодишен шеф на Кабинет на архиепископот Стефан, на 27 мај, беше замонашен по што доби и монашкото име Георгиј. Но, по ова следуваше и неговото експресно унапредување во хиерархијата на монашките чинови: лично архиепископот г.г. Стефан веќе утредента на 28 мај го унапреди во чинот на јероѓакон, а на 29 мај во чин јеромонах. Според неофицијалните сознанија, во овој период се очекува и неговото унапредување во чин на игумен на манастир, исто така, од страна на поглаварот на МПЦ-ОА. Сето ова се случува во пресрет на веќе закажаната синодска седница на 12 јуни годинава, а на која веќе е ставена точката на дневниот ред, посветена на изборот на новиот Дебарско-кичевски владика. На седницата, наводно, ќе се случи негово експресно унапредување во чин архимандрит и веднаш потоа избор за митрополит. Брзото унапредување на новиот монах, со најкус стаж меѓу околу 200 монаси во рамките на МПЦ-ОА во јавноста ги раздвижи информациите дека веќе е договорен изборот на поранешниот амбасадор за нов митрополит со седиште во Охрид. Верскиот портал Религија.мк вчера тоа и го објави.
-Новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на архиепископот Стефан за избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Архиепископот предлогот го испратил до членовите на Синодот, а седницата за избор ја закажал за 12 јуни оваа година. Во известувањето архиепископот пишува дека го предлага јеромонахот Георгиј за ракополагање во епископски чин и избор на митрополит за Дебарско-кичевската епархија – се наведува во веста.
Синодскиот портпарол, епископот Климент, за весникот ВЕЧЕР можеше само да потврди дека е закажана седницата, но не и каква е содржината на предлозите.
-Можам да потврдам дека за 12 јуни е закажана седница на Синодот во полн состав и дека има точка на дневен ред Избор на нов Дебарско-кичевски владика – ни рече тој.
Од редовите на МПЦ-ОА се уште нема официјални соопштенија околу веродостојноста на неофицијалните најави дека монахот Георгиј по само 16 дена од замонашувањето ќе биде избран за митрополит. Но, објавената неофицијална вест веќе предизвика бројни реакции кај верниците во повеќе градови, кои почнаа да се делат околу поддршката на изборот на монахот Георгиј, но и околу поддршката на епископот антаниски Партениј, кој беше викарен епископ на владиката Тимотеј и отец Никодим од Светиклиментовиот храм во Охрид… На социјални мрежи веќе се шири повик за протест денеска пред резиденцијата на архиепископот Стефан во скопската населба Кривидол.
-Верниците на МПЦ-ОА од неколку градови во Македонија, организираат мирен собир со цел поддршка за предлог на епископ Партениј како кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Тие исто така повикуваат на одговорност поради начинот на избор за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верниците се зачудени како архиепископот со еден кандидат како предлог прави избор?! Избор! Меѓутоа, за да има избор треба да предложите повеќе кандидати!? Избор со еден кандидат е парадокс, а тој кандидат не е Викарниот епископ Антаниски со 30 години монашко искуство! – се наведува во објавата.
Најава за протест има и во Охрид. Охридњус објави дека за синоќа бил закажан протестот на поддржувачите на епископот Партениј. Но, се додава во веста, дека имало незадоволството и помеѓу граѓаните во стариот дел на градот кои сметаат дека наследникот на владиката Тимотеј треба да биде човек од епархијата при што се посочува на отец Никодим од Светиклиментовиот храм.
-Се посочува дека доколку црквата не го послуша народот може да дојде до несакани поделби кои крајно негативно ќе се одразат не само на црквата, туку и на верската заедница – се наведува во веста.
На социјалните мрежи се редат и бројни коментари на верниците. Универзитетски професор Александар Спасеновски, од скопскиот Правен факултет на УКИМ, упати отворено обраќање во кое остро ја критикува намерата за избор на новиот монах Георгиј.
-Ваков Избор не е избор! Тоа е процедура за легализирање на една малцинска волја. Тоа е одлука што се крие зад формалности. Тоа е одбивање да се валоризира очекувањето на народот. Овој избор нема да помине без последици, не само затоа што се заобиколува владиката Партениј. Туку и затоа што процесот беше затворен, нетранспарентен и, уште полошо, неискрен и злонамерен. Доколку на вистинскиот кандидат не му се дава ниту можност, тогаш што навистина се штити во оваа постапка? Чија удобност? Чиј авторитет? Владиката Партениј не само што ги исполнува овие критериуми, тој на свој начин сведочи за нив со години – потенцира Спасеновски.
Други граѓани, пак, на социјалните мрежи го поддржуваат изборот на поранешниот македонски амбасадор и новиот монах Георгиј.
-САС на МПЦ-ОА и неговото блаженство г.г. Стефан сигурно не го решаваат ова непромислено. Во светата Црква секогаш пребива Светиот Дух, а каде е Светиот Дух, таму е Света Троица. Оттаму, некој да рече лошо и да се противи на оваа одлука, сметајќи ја за немудра, или (прости им, Господи), нешто полошо, приговара на Премудроста Божја. Нека е Божјата волја! …. Најдостоен за тоа место! Најподобен! Неговото знаење и искуство што го има во Црквата како теолог, професор може многу да допринесе во развојот на нашата света православна црква! – наведуваат овие верници. (Б.Ѓ.)
Експресен избор нови владици имало и во минатото
Во редовите на МПЦ-ОА, брзиот избор на нови владици не бил редок случај во синодската пракса. Така, на пример, токму починатиот владиката Тимотеј монашки потстриг примил на 10 септември 1981 година во Бигорскиот манастир, а на следниот ден е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември истата година е ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит е произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола. По изборот за епископ на 20 септември 1981 година хиротонисан е за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје.