Новиот кривичен законик е во завршна фаза: Ќе се казнува и за експлицитни сексуални содржини креирани со вештачка интелигенција

111

Злоупотреба на снимка, фотографија, аудиозапис со сексуално експлицитна содржина, каде што се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како „дип фејк“ се дел од новините од Кривичниот законик во кој истовремено се врши и ревидирање на посебните кривични дела поврзани со проектот „Безбеден град“, како што е кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило. Министерот за правда, Игор Филков, соопшти дека документот се финализира и во моментов се врши дополнително усогласување со четири нови европски директиви, по што наскоро ќе биде доставен во владина процедура

 

Во новиот Кривичен законик ќе се утврди ново кривично дело: злоупотреба на снимка, фотографија, аудиозапис со сексуално експлицитна содржина, каде што се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како „дип фејк“. Истовремено се врши и ревидирање на посебните кривични дела поврзани со проектот „Безбеден град“, како што е кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило. Ова, во интервју за МИА, го најави министерот за правда, Игор Филков, кој соопшти дека документот се финализира и дека во моментов се врши дополнително усогласување со четири нови европски директиви, по што наскоро ќе биде доставен во владина процедура.

Целта на Министерството за правда е јасна, вели Филков, да создадеме нов, модерен и кодифициран кривичен законик во кој ќе бидат инкорпорирани сите релевантни меѓународни стандарди и инструменти за да се зајакне правната сигурност на граѓаните, а практичарите — судиите, обвинителите и адвокатите да имаат јасен и применлив закон, без недореченост и контрадикторност.

Овој документ ќе биде суштинска трансформација на казненото право: со јасни дефиниции, правична рамнотежа на санкции, елиминирање на правната несигурност и создавање рамка во која селективната правда станува невозможна.

Ова е чекор што ќе ја обележи новата етапа во реформата на правосудството и ќе ја утврди Македонија како држава што знае да ги следи европските стандарди, но и да гради сопствена правна стабилност.

Една од забелешките од извештајот на ЕУ беше потребата од нов кривичен законик. Министерот Филков се осврна и на најавите за можноста Уставниот суд да донесе мериторна одлука за спорните измени од 2023 година доколку евентуално не се коригираат забелешките со најавеното законско решение.

– Одлуките на Уставниот суд конечни и извршни. Но, притоа мора да се внимава со изјавите и ставовите за да не се добие впечаток во јавноста дека се користат за дневно политикантство – потенцира министерот Филков.

Филков признава дека критиките на Европската комисија за судството се реални и дека дел од нив се однесуваат на системски слабости што не може да се решат преку брзи административни одлуки, туку бараат долгорочни реформи и координација на институциите. Тој најави дека наскоро ќе биде објавен извештај од Комисијата за надзор на АКМИС со детална анализа на проблемите во судовите. Филков вели дека финансирањето на судството мора да биде независно, но и рационално.

Во извештајот за напредокот за 2025 година, Европската комисија оцени дека нема напредок во независноста и непристрасноста на судството и предупреди на политички влијанија. Филков смета дека дел од оцените не ја одразуваат целосно сработената работа.

– Изненадува тоа што се бележи само датумот на конечна реализација, а не и сите преземени чекори. Во последните 18 месеци, подготвивме над 15 клучни закони и ги доставивме во владина процедура – нагласи тој, набројувајќи ги законите за судската служба, јавните обвинители, платите, слободниот пристап до информации, процената, вештачењето и друго.

ИЗДВОЕНИ