Во прва посета на големото светилиште, манастирот „Свети Јован Крстител“, познат како Бигорски манастир, денеска престојуваше новиот дебарско-кичевски митрополит, Георгиј. Поводот беше чествувањето на патроната слава на манастирот, која се совпаѓа со големиот христијански празник Отсекување на главата на свети Јован Крстител на 11 септември. На влезот во манастирот, новиот владика беше пречекан од игуменот на светилиштето, епископот антаниски, Партениј, како и од монашкото братство на едно од најбројните духовни светилишта во рамките на МПЦ-ОА.
По пречекот, владиката Георгиј, во придружба на епископот Партениј, влезе во манастирската црква, каде што потоа почна утринската богослужба и празнична литургија. На службата присуствуваа и бројни верници, кои се собираат секоја година во масовен број за да ги одбележат патрониот празник. Празникот се чествува во спомен на отсекувањето на главата на свети Јован Крстител, кое се случило откако тој силно го критикувал Ирод Антипа, тогашен господар на Галилеја. Саломија, ќерката на Иродијада, сопругата на Ирод, од него ја побарала главата на Јoван Крститeл. Ирoд потоа издал таква наредба, по што свети Јован Крстител бил убиен, а неговата глава отсечена од телото. Празнувањeтo на 11 септември e вoстанoвeнo пoради тoа штo на тoј дeн била oсвeтeна црквата штo ја пoдигналe царoт Кoнстантин и царицата Eлeна на нeгoвиoт грoб вo Сeвастија.
Митрополит Георгиј и епископот Партениј неодамна ја имаа првата официјална средба, во Охрид, до која дојде по изборот на новиот дебарско-кичевски митрополит. Познато е, во текот на забрзаната постапка за избор на нов владика дојде до собири на верници во Скопје, Охрид и во Кичево, на кои се бараше за наследник на починатиот владика Тимотеј да биде избран епископот Партениј. Но, тие собири не влијаеја на одлуката на Синодот на МПЦ-ОА, каде што владиците решија да му го доверат тронот на поранешниот декан на Богословскиот факултет и долгогодишен шеф на Кабинетот на архиепископот г.г. Стефан, митрополит Георгиј.
На средбата, двајцата достоинственици се договорија за искрена и конструктивна идна соработка. За средбата тогаш информира и братството на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.
– Денеска, во овој претпразничен ден на светлото преображение Господово, нашиот старец, Неговото преосвештенство, епископот антаниски, г. Партениј, ја оствари својата прва официјална средба со новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, Неговото високопреосвештенство, г. Георгиј. Средбата, која се оствари во просториите на светата Митрополија во Охрид, помина во искрена и конструктивна атмосфера, исполнета со љубов кон Црквата Христова и со заедничка грижа за спасението на доверениот Божји народ. Најнапред, нашиот старец, од името на целата наша монашка заедница, му посака на митрополитот благословена и плодотворна архијерејска служба, душевно и телесно здравје, просветление и мудрост одозгора, за благобитие на Епархијата, на монаштвото, на свештенството, на верниците и на сите граѓани – беше наведено во објавата.
Во неа се додава дека епископот Партениј го запознал новиот митрополит со динамиката на мисијата и со животот на монашката заедница, како и со дејствувањето на светите манастири што се наоѓаат под негово духовно раководство.
– Се молиме и се надеваме дека оваа средба ќе биде почеток на плодотворна соработка во духот на апостолското единство и евангелската љубов, на духовна полза за народот Христов, за сите и за сѐ – беше наведено во објавата од Бигорскиот манастир. (Б. Ѓ.)