Наместо средување на состојбите и заздравување на партиските редови, нови бранувања и неизвесна иднина. Ваков е текот на случувањата во најголемата опозициска партија СДСМ, која сè уште не може да тргне по патот кон враќањето на довербата кај граѓаните по тешкиот пораз на локалните избори. По изборот на новото партиско раководство, предложено лично од лидерот Венко Филипче, а во пресрет на партискиот конгрес, следуваат бурни реакции на дел од видните социјалдемократи, очигледно, незадоволни од кадровските промени. Така, поранешниот скопски градоначалник и партиски функционер, Петре Шилегов, завчера отворено побара оставка од лидерот Филипче.
– Македонското законодавство познава убиство од небрежност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само)убиство со умисла!!! Или тешка ви е одговорноста? Или ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош!!! М? Прашањата ќе ги поставиме по празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова година, Божиќ, ќе се заборави…“ Бидејќи, можеби многумина не разбраа. Да!!! Барам оставка на „претседателот“ на СДСМ!!!“ – напиша Шилегов во објавата на социјални мрежи.
На ова следуваше и одговор од лидерот Филипче, кој ваквата постапка на Шилегов ја оквалификува како дело на ВМРО-ДПМНЕ.
– Удривме во осино гнездо. Ја откривме најголемата предавничка операција што се подготвувала. Паниката во редовите на ДПМНЕ е толку голема што веќе не бираат средства. Вчера се обидоа и преку еден наш член да ѝ нанесат штета на партијата. Не мене лично, тоа не го доживувам лично, туку на целата партија, на сите нејзини членови. Јавно да се изнесуваат вакви работи во момент кога ДПМНЕ нè напаѓа од сите страни со цел да го замолчи нашиот глас на вистината, не е случајно. Тие пронајдоа еден од нас, послаб. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцени, за да го натераат однатре, од самата партија, да внесе немир во нашите редови – објави Филипче на својот профил на „Фејсбук“.
Тој додаде дека СДСМ нема да се пресметува со Шилегов бидејќи „на сите им е јасно во каква ситуација се наоѓа и дека нема да му одмогнат, туку само ќе може да му помогнат“.
Напоредно со ова, следуваа и оставки по општинските партиски организации. Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка од редовите на СДСМ, објави дека се повлекува од челната функција во општинската организација наведувајќи дека е „тоа е најкоректниот потег во моменталната состојба“. Првиот партиски човек во Битола, Методија Куновски, пак, своето повлекување го образложи со тоа што во изминатиов период „сѐ поизразени станаа практики кои не се во согласност со неговите лични принципи“. Од друга страна, во медиумите почнаа да се јавуваат и најави за иницијатива на поранешни високи функционери за „создавање на силен и победнички СДСМ со заеднички сили“. Дел од оваа иницијатива, наводно, се поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски и поранешниот генерален секретар Андреј Петров, кои речиси идентично размислуваат во врска со политичкиот пат на СДСМ. Двајцата функционери изразуваат скептицизам дека актуелното лидерство на партијата може да акумулира поголема поддршка од оваа сега, поради што стравуваат дека партијата ќе стагнира, па дури и дополнително ќе назадува. Петров вчера ни изјави дека сака да се „воздржи од коментари на оваа тема“. (Б. Ѓ.)












