Маријам Абу Дага, новинарка која беше убиена во понеделникот наутро во напад на израелската армија врз болница на југот од Појасот Газа, пред нејзината смрт објавила писмо до својот 12-годишен син.
„Гаит, срцето и душата на твојата мајка, те молам не плачи за мене, туку моли се за мене, за да можам да останам мирна. Сакам да ја држиш главата високо, да учиш, да бидеш бистар и посебен и да станеш вреден човек, способен да се соочи со животот, љубов моја“, му напишала таа на својот син, од кого мораше да се одвои бидејќи тој беше евакуиран од Газа.
„Не заборавај дека направив сè за да те направам среќен, да ти биде удобно и мирно, и дека сè што направив беше за тебе. Кога ќе пораснеш, ќе се ожениш и ќе добиеш ќерка, именувај ја Маријам, по мене“, му порачала таа.
Асошиејтед Прес, новинската агенција со која работеше убиената новинарка, изрази сочувство во соопштение и истакна дека Дага редовно одеше во болницата Насер во Кан Јунис за да известува оттаму.
„Ти си мојата љубов, моето срце, мојата поддршка, мојата душа и мојот син – оној за кого гордо ја кревам главата. Секогаш биди среќен и биди на добар глас. Те молам, Гаит: твојата молитва, па повторно твојата молитва, и потоа повторно твојата молитва“, заклучи таа во писмото до својот син.