„Задача на новинарите е да го промовираат стандардниот македонски јазик во медиумите“, изјави денеска директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, пред почетокот на Меѓународниот научен собир на тема „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“ што во рамки на традиционалната манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“ ќе се одржува и утре на ИМЈ во Скопје.
Како што додаде таа, јазикот во медиумите е многу важен, затоа што токму преку медиумите се гледа развојот на македонскиот јазик.
„Меѓутоа, секаде во општеството се случува една демократија, па така демократијата постои и во јазикот. Токму од тие причини, ни се случуваат промени. Некои промени, како што се оние на лексички план, ќе поминат. Ќе се користат година-две, потоа ќе се заборават, па ќе дојдат нови зборови“, рече Јованова-Грујовска, посочувајќи дека проблемот се јавува доколку дојде до системски промени во рамки на зборообразувањето, односно доколку се јават промени во морфологијата или синтаксата.
Како што истакна, нејзината најголема забелешка во поглед на користењето на македонскиот јазик во медиумите е што не постојат училишта за правилен изговор, па така кај голем дел од новинарите се забележува нивниот дијалект од тој крај од каде што доаѓаат, односно недоволното познавање на вокалниот и воопшто фонетскиот систем на македонскиот јазик.
„Веднаш може да се почувствува дијалектот на новинарот во зависност од тоа од кој крај на Македонија доаѓа. Не само ние како професори, туку и сите оние кои го следат медиумот, веднаш ќе забележат дека новинарот не го научил вокалниот и воопшто фонетскиот систем на македонскиот јазик. Тука се јавува проблемот, во изборот на дијалектна лексика. Некои во себе си го носат товарот од дијалектната лексика“, рече Јованова-Грујовска, додавајќи дека токму затоа Институтот за македонски јазик е институцијата која треба да потсетува и да потенцира дека мора да се внимава на чистотата на македонскиот јазик.
„Едноставно, јазикот во медиумите, кој денес веќе постои и во електронската форма, исклучително е важен и влијае на развојот на стандардниот македонски јазик“, рече таа.
Истакна и дека често во медиумите се забележува и употреба на жаргонска и странска лексика, најмногу од страна на младите во младинските емисии, притоа потенцирајќи дека медиумот не е место за употреба на вакви изрази.
„Младите многу сакаат да бидат интересни и во нивните младински емисии употребуваат жаргони и многу често употребуваат странска лексика, меѓутоа медиумот не е за тоа. Медиумот е всушност да покажеме дека ние сме исполнителни и квалитетни во сè“, додаде Јованова-Грујовска.
Професорката од ИМЈ, Катица Топлиска-Евроска, пак, потенцираше дека е најважно да покажеме свесен елемент во јазичната политика, да влијаеме колку што можеме посвесно на јазичните промени, да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои се јавуваат како резултат на глобализацијата, којашто е општ светски процес.
Таа истакна дека најчестите грешки што се јавуваат во медиумите е со употребувањето на англицизмите, турцизмите или србизмите.