Грчките власти го воведуваат најстрогиот закон досега, кој од 13 септември годинава ќе важи не само за локалното население, туку и за сите туристи, кои секоја година патуваат на море со автомобил. Законот има за цел да ги реши долгогодишните проблеми и дупки во стариот систем кој повеќе не ги исполнува современите услови на патиштата. Главниот фокус е на користењето мобилен телефон при возење, навика која станува сè почеста, но и поопасна.
Досега, овој вид прекршок се казнуваше со двомесечно одземање на возачката дозвола, но новиот закон воведува и казни до 4.000 евра. На пример, за прв прекршок со телефон зад воланот, казната е 350 евра, а возачката дозвола ќе биде одземена еден месец. Вториот прекршок носи казна од 1.000 евра и шестмесечна забрана за возење, додека третиот носи дури 2.000 евра и едногодишна забрана.
Ситуацијата станува уште посериозна ако употребата на телефонот доведе до сообраќајна несреќа. Во тој случај, казната може да биде до 4.000 евра, а возачката дозвола може да се одземе до 8 години. Доколку несреќата има сериозни последици, законот предвидува и затворски казни од 10 години за тешка телесна повреда, до 20 години за смрт. Доколку повеќе од едно лице е повредено, можна е дури и доживотна казна затвор.
Ова се останатите прописи:
- Алкохол во крвта: За концентрација над дозволеното, казните почнуваат од 350 евра, но можат да достигнат и до 1.200 евра, со дополнителни мерки како запленување на возилото и затворски казни.
- Безбедносна опрема: Носењето сигурносен појас или кацига е задолжително и за возачите и за патниците. Непочитувањето се казнува со 350 евра и привремено одземање на дозволата.
- Прекршоци на семафори и сообраќајни знаци: Возење на црвено светло или непочитување STOP знак се казнува со 700 евра, а казната се зголемува со секое повторување.
- Брзо возење и улични трки: Казните за пречекорена брзина се движат од 150 до 350 евра, а за трки на јавни патишта или возење над 200 km/h се предвидени санкции до 8.000 евра и забрана за возење до четири години.
- Паркирање и технички пропусти: Паркирање на места за лица со попреченост или без технички преглед носи казни од 150 до 2.000 евра. Возење без осигурување се казнува со 250 до 1.000 евра.
Бугарија веќе ги заостри прописите
Додека Грција сè уште го подготвува својот закон, Бугарија веќе ги заостри прописите. Од 1 август, таму важат нови правила за сите возачи, вклучувајќи ги и туристите.
Најголемите промени се однесуваат на одбивањето на тестови за алкохол или дрога. Наместо само административна казна, возачите кои одбиваат да го сторат тоа по сторена сообраќајна несреќа сега ризикуваат една година затвор и парична казна од 1.200 евра.
Казните за возење под дејство на алкохол исто така се значително зголемени. Возењето со повеќе од 1,2 промили алкохол сега е казниво со 500 до 2.500 евра, додека повторените прекршоци може да резултираат со казни до 5.000 евра. Воведени се дополнителни ограничувања за возачите на скутери, со кои се бара кацига, минимална возраст од 16 години, осигурување и дневно возење. Казните за родителите кои ќе дозволат прекршување на овие правила достигнуваат 250 евра.
Бугарија, исто така, воведе контрола на просечната брзина со помош на камери, вклучително и оние на наплатните пунктови. Надминувањето на ограничувањето на брзината за повеќе од 40 км/ч надвор од населените области може да доведе до двомесечно одземање на дозволата, со дополнителна парична казна.
Србија го подготвува најстрогиот закон за бебедност во сообраќајот досега
Додека Грција и Бугарија спроведуваат сериозни реформи, Србија се подготвува да го воведе најстрогиот Закон за безбедност во сообраќајот досега. Како што најавија властите, новиот закон треба да биде завршен до крајот на годината. Она што е особено важно е што граѓаните можат да учествуваат во неговото изготвување – предлози веќе пристигнуваат од целата земја.
Меѓу најважните предлози се воведувањето задолжителни камери во возилата, особено во службените и училишните возила, со цел полесно да се утврди одговорноста во случај на несреќи. Покрај тоа, трајно одземање на возилата од несовесни возачи и воведување на таканареченото alco-lock – систем кој не дозволува возилото да се запали додека не се утврди дека возачот не е под дејство на алкохол.
Граѓаните се жалеа и на бавното возење, кое може да предизвика сообраќаен метеж и дополнително да ја загрози безбедноста, а се предлага и воведување казни за возачите кои непотребно го забавуваат сообраќајот.
Новиот закон, кога ќе стапи на сила, би можел целосно да ги редефинира навиките за возење во Србија и да ги направи казните построги од кога било досега. Останува да се види какви мерки ќе бидат донесени, но сигурно е дека Србија наскоро ќе ги следи стапките на соседните земји кога станува збор за безбедноста на патиштата.