Нови строги правила на патиштата во Бугарија: Камери ќе снимаат просечна брзина, казните ќе стигнуваат на СМС

1035

Доколку планирате патување во Бугарија во наредниот период, важна информација за сите возачи е дека од 5 септември официјално ќе започне со работа нов систем на камери за мерење на просечната брзина на одредени делници во таа земја.

Кога се вели „просечна брзина“, не се мисли на камерата што го снима моментот кога ќе ја поминете. Наместо тоа, системот следи колку време ви е потребно за да поминете одредена делница – на пример 20 или 30 километри.

Камерите работат така што го снимаат времето кога возилата влегуваат и излегуваат од одредена делница, пресметувајќи ја просечната брзина. Доколку е поголема од дозволената, системот автоматски испраќа СМС-порака до сопственикот на возилото со упатства за плаќање на казната.

Системот ги користи веќе познатите камери за патарина, поставени на почетокот и на крајот од секоја делница. Тие го евидентираат точното време на поминување и пресметуваат дали сте возеле во рамките на дозволената брзина. Овој вид систем е многу потежок за заобиколување од класичните радари – бидејќи не зависи од тоа колку сте возеле во тој момент, туку од тоа со која брзина сте се движеле на целата делница.

Мерките официјално стапуваат на сила на 5 септември. Досега, камерите работеа, но во рамките на тест-периодот, на автопатот „Тракија“ и Северниот експресен прстен на Софија. Возачите кои добиле слика од прекршокот во август – не била поради пребрзо возење, туку поради нешто друго, како на пример: неврзан сигурносен појас, незапалени светла, истечено осигурување… Причината е што системот ќе биде целосно поврзан со базата на податоци на МВР на Бугарија дури од 5 септември.

Ако го надминете ограничувањето на брзината за 20 км/ч, можете да очекувате да платите казна почнувајќи од 25 евра.

За возење со брзина поголема од 50 км/ч над дозволената, трошоците се значително повисоки. Според веб-страницата vignettebulgaria, предвидени се казни почнувајќи од 300 евра.

Точниот износ зависи од измерената брзина и затоа не може да се утврди однапред.

Детални казни:

Надминување на дозволената брзина (надвор од населбата или во населбата) за повеќе од 40 км/ч: 600 лева (околу 300 евра) + одземање на возачка дозвола за 2 месеци.
Повторено прекршување (над 40 км/ч): Најмалку 1.200 лева (околу 615 евра) + одземање на возачка дозвола за 3 месеци.

Бугарија, исто така, воведе зони со ограничување на брзината од 20 и 30 км/ч во станбени области, околу училишта и градинки, што дополнително влијае на режимот на брзина.
Казните за пребрзо возење може да бидат значително повисоки во други околности, па затоа е важно строго да се држите до ограничувањето.

ИЗДВОЕНИ