НОВИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ВЕРСКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО УЧИЛИШТАТА: Етиката во религиите задолжителен изборен предмет?  

Со предлогот не се нарушува секуларниот карактер на државата. Тој е на линија на претходната состојба со предметот „Етика на религии“, а кој беше оформен како начин на кој се реши проблемот и со кој се испочитува одлуката на Уставниот суд – објаснува универзитетски професор Александар Спасеновски.

73

Новите предлози за верското образование на учениците во Македонија, предложени минатата недела, нема да претставуваат нарушување на секуларизмот во државата. Вакво е мислењето на правните експерти околу дилемите што се појавија во јавноста врзано за менувањето на сегашната поставеност на предметот „Етика во религиите“, кој како слободно-изборен предмет се изучува по два часа неделно само во шестото одделение во основното образование. На минатонеделната средба со поглаварите на пет уставно наведени верски заедници директорката на државната Комисија за односи со верски заедници, Оливера Трајковска, доби поддршка за нејзиниот предлог, кој потоа беше испратен на разгледување во Министерството за образование. Деновиве во МОН се очекува средба на сите заинтересирани страни, на која конкретно би се дефинирал начинот на воведувањето на промените во изучувањето на овој предмет.

Директорката Трајковска вчера за весникот ВЕЧЕР објасни во што е суштината на предлогот. Се работи за воведување на предметот поврзан со „Етика“, „Етика во религиите“ и „Културно и религиско наследство“ во основното и во средното образование и кој ќе претрпи промени во зависност од возраста на учениците.

– Иницијативата е воведување на предмет „Етика“, кој ќе претрпи модификации зависно од училишната возраст. Па, така, од прво до петто одделение се предлага да бидат застапени содржини од етика, психологија и социологија и религиско образование, а ќе ги предаваат одделенски наставници. Во шестото одделение да бидат застапени содржини од етика на религии со наставен кадар – теолози, а во  седмо одделение содржини од културно и религиозно наследство со наставен кадар – теолози. Во осмо и деветто одделение во основното образование и од прва до четврта година во средното образование да бидат застапени содржини од етика, психологија и социологија со наставен кадар – филозофи, етичари, социолози. Предметот да има статус на изборен-задолжителен предмет, во крајна инстанција задолжителен. Наставниците да бидат во постојан работен однос и со полн фонд на часови – објасни Трајковска за весникот ВЕЧЕР.

Со ова, практично, ќе се обезбеди предмет чиј краен назив ќе биде  формулиран со заеднички договор на Комисијата, на МОН, на верските заедници и на Асоцијацијата на професори по предметот „Етика во религии“, да биде една од двата задолжителни изборни предмети кои ќе ги избираат учениците. Предметот „Етика во религии“, кој како задолжителен изборен почна да се предава пред тринаесетина години, во 2021 година доживеа промена на статусот и се стави во групата на „слободно-изборни содржини“. Со тоа се намали и интересот на учениците, кои освен него можеа да избираат и десетина други наставни содржини како на пример шах или слично…

– Мотивот за воведување на религиско и етичко образование во училиштата е пред сѐ, враќање на основните морални норми во општествен контекст. Моралната ерозија која со децении го еродира нашето општество носи долгорочни последици, како на индивидуално, така и на колективно ниво. Насушно ни е потребно воведување предмет кој ќе нѐ врати кон вистинските вредности: почит кон другарчето, кон родителот, наставникот, различниот од себе; предмет кој ќе учи за љубов, мир, соживот и толеранција – нагласува директорката Трајковска.

Отец Бобан Митевски, од Асоцијацијата на професори по предметот „Етика во религии“, за весникот ВЕЧЕР вели дека нивната главна желба е овие предмети да бидат меѓу два задолжителни изборни предмети, како и вработување на предавачите – теолози.

– Ние не бараме враќање на класичната веронаука, туку само промена на статусот на предметот кој и досега се изучуваше и не беше спорен. Сакаме само тој предмет „Етика на религии“ да биде еден од два задолжителни изборни предмети кои ќе ги избираат учениците во шесто одделение. Онака како што беше и пред 2021 година, кога со реформата на концепцијата на основното образование се префрли во поширока група изборни предмети. Таквото враќање во претходниот статус нема да биде спорно ниту како оптоварување на учениците ниту, пак, од уставен аспект – нагласи отец Бобан Митевски.

Тој додава дека желбата на Асоцијацијата е и предметот „Културно и религиско наследство“ да се изучува, како редовен предмет во седмо одделение на основното образование.  На тој начин ќе може и да се изврши трајно вработување на предавачите – теолози кои завршиле и специјализација по Методика на религиско образование, а кои досега се ангажираа преку договори и имаа нерешен статус.

Од МОН вчера ни изјавија дека средбата на која треба да се разговара за барањата за овие предмети сè уште не била закажана.

Уставниот суд во јануари 2009 година ја укина одлуката за воведување на предметот Веронаука, оценувајќи дека е во спротивност со уставниот принцип на секуларност и на одвоеноста на државата и верските заедници.

Директорката Трајковска наведува дека со воведувањето на предметот „Етика“, „Етика во религиите“ и „Културно и религиско наследство“ не се нарушува принципот на секуларност.

– Ова со оглед на тоа што содржините се адаптирани на наставните програми согласно со Бирото за развој на образованието, предавачите се со образовен профил кој ги исполнува сите критериуми, предметот доаѓа од државна институција, без директна иницијатива на верските субјекти. На ниту едно дете нема да му биде наметнато насила да учи религија, така да можноста за индоктринација на старт се отфрла како апсурдна – нагласи таа.

И универзитетскиот професор на скопскиот Правен факултет, Александар Спасеновски, за весникот ВЕЧЕР оценува дека она што се предлага не треба да претставува нарушување на секуларизмот.

– Со предлогот не се нарушува секуларниот карактер на државата. Тој е на линија на претходната состојба со предметот „Етика на религии“, а кој беше оформен како начин на кој се реши проблемот и со кој се испочитува одлуката на Уставниот суд. Тогаш се најде начин да се воведе религиско образование во образовниот систем и се излезе во пресрет на барањата – објаснува Спасеновски. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ