2026 година ќе донесе сериозни европски обврски за македонската индустрија со целосната примена на CBAM. Јаглеродната давачка при извоз во ЕУ најмногу ќе ги погоди енергетски интензивните сектори – челикот, електричната енергија, цементната и хемиската индустрија. Компаниите ќе мора да пријавуваат ЦО₂ емисии и да плаќаат дополнителни трошоци доколку е нивното производство појаглеродно од европскиот просек. Дел од извозниците веќе се подготвуваат, но сè уште недостига државна регулатива. Регулаторите предупредуваат за ризиците на пазарот на електрична енергија и за конкурентноста. Плаќањето на давачката ќе започне во 2027 година. Металната индустрија бара заштита и национални квоти. Исходот од преговорите со ЕУ ќе биде клучен за опстанокот на секторот

Механизмот на ЕУ за приспособување на јаглеродот на границите (CBAM), кој целосно ќе се применува од 1 јануари 2026 година, ќе има значително влијание врз македонската индустрија и врз енергетскиот сектор. Со воведувањето дополнителна јаглеродна давачка при увоз во ЕУ, најдиректно ќе бидат погодени енергетски интензивните сектори – електричната енергија, металургијата (челик и алуминиум), цементната и хемиската индустрија. Компаниите што извезуваат во ЕУ ќе мора да пријавуваат CO₂ емисии и, доколку е нивното производство појаглеродно од европскиот просек, да плаќаат дополнителна давачка, што ќе ги поттикне кон инвестиции во почиста и поефикасна технологија.
Како земја кандидат за членство во ЕУ и значаен трговски партнер, Македонија се соочува со сериозен предизвик – дали е доволно подготвена за новите правила. Енергетските извозници ризикуваат зголемени трошоци ако не ги намалат емисиите, додека енергетскиот сектор ќе биде под притисок за забрзана транзиција кон обновливи извори.
Според министерката за енергетика, Сања Божиновска, CBAM е истовремено предизвик и можност. Таа нагласува дека приспособувањето не е избор, туку неопходност за задржување на конкурентноста на македонските производи на европскиот пазар, како и шанса за побрза декарбонизација и модернизација на индустријата.
Од друга страна, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, предупредува дека CBAM може значително да ги наруши тргувањето со електрична енергија и интеграцијата на регионалните пазари со ЕУ, особено за земјите од Западен Балкан, кои сè уште зависат од фосилни горива. Според него, електричната енергија е особено чувствителна категорија во рамките на CBAM и без внимателни решенија, земјите надвор од ЕУ може да се најдат во неповолна позиција.
Слични ризици за организираниот пазар на електрична енергија посочува и управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски. Тој предупредува дека воведувањето јаглеродна компонента може да создаде структурна нерамнотежа, зголемена волатилност и намалена конкурентност, особено за пазар со ограничена ликвидност како македонскиот. Дополнителен проблем е можноста CBAM да создаде притисок врз извозот во часови на низок консум и зголемено производство од обновливи извори, што парадоксално би можело да ги погоди токму производителите од ОИЕ.
Според Ѓорѓиевски, Македонија има делумна институционална подготвеност за CBAM, но законската и регулаторната рамка сè уште не се целосно усогласени, особено во делот на мерењето, известувањето и верификацијата на CO₂ емисиите. Недоволните стандардизација и дигитализација покажуваат дека се неопходни современи системи за мониторинг и верификација, усогласени со европските правила.
Обврската за плаќање на CBAM-давачката ќе започне во првата половина од 2027 година, по сертификацијата на емисиите за 2026 година. Дел од големите извозници веќе се подготвуваат, но државата сè уште нема воспоставено регулатива што би овозможила средствата од јаглеродната давачка да останат во Македонија наместо да завршат во буџетот на ЕУ.
Од цементарница „Титан Усје“ велат дека се подготвени за новиот механизам и дека веќе работат на намалување на јаглеродниот отпечаток преку алтернативни горива и користење енергија од обновливи извори. Од „Макстил“ посочуваат дека редовно прават пресметки, но без домашна регулатива, немаат основ за уплата на средствата во државата. Поради тоа што не произведува од руда, туку преработува железо, компанијата очекува да биде поконкурентна во новите услови.
Иако примената на CBAM формално ќе започне од 1 јануари 2026 година, клучните подзаконски акти, технички правила и упатства за верификација и пресметка сè уште се во завршна фаза, што создава неизвесност и за компаниите и за државите надвор од ЕУ.
Металната индустрија бара заштита, државата најавува преговори со ЕУ
Следната година се оценува како клучна за опстанокот и конкурентноста на македонската метална индустрија. Исходот од преговорите со ЕУ ќе одреди дали ќе успеат домашните компании да го задржат своето место на европскиот пазар или ќе се соочат со сериозно намалување на производството и на извозот.
Новите еколошки правила на ЕУ, кои ќе стапат на сила на први јануари 2026 година, предвидуваат намалување на увозните квоти и зголемување на царините, што може да предизвика значителни загуби кај домашните компании. Токму металната индустрија е меѓу најголемите извозници во ЕУ. Податоците од индустријата покажуваат дека околу 70 % од челикот произведен во „Макстил“ завршува на европскиот пазар, што го прави секторот особено чувствителен на новите ограничувања.
Компаниите од металната индустрија побараа од Владата да започне преговори со Брисел за одобрување специфична национална квота, која би им овозможила континуиран извоз. Барањето е Македонија да добие квота од 70.000 тони челик квартално, количина што, според индустријата, е неопходна за нормално функционирање на производството.
– Тоа што е најзагрижувачко за следната година се најавите за преполовување на тековните квоти за увоз на челик во ЕУ и за дуплирање на царинската стапка откако ќе се надминат квотите. Ова е исклучително сериозна тема и доколку не се реши на политичко ниво, односно преку државни преговори, може да го уништи нашето производство – вели Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на „Макстил“.
Таа нагласува дека единствено одржливо решение е договор за национална квота.
– Доколку успееме да добиеме квота за самата држава, тоа би било многу позитивно за нас. Сè друго нема смисла, бидејќи директно ќе го загрози опстанокот на индустријата – потенцира таа.
Во случај Македонија да не обезбеди посебен третман, количините што досега ги извезувале домашните компании би можеле да ги преземат челичарниците од земјите членки на ЕУ, што би значело губење на пазарите и намалување на производството во земјава.
Од Владата потврдуваат дека е отворено прашањето и дека веќе се водат разговори со европските институции. Надлежните уверуваат дека е поставена темата на највисоко ниво во рамките на официјалните контакти со ЕУ.
– Република Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ со ратификуван Договор за стабилизација и асоцијација и со целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Од таа гледна точка, сметаме дека земјата заслужува исклучок од најавените правила, односно да продолжи да важи постојниот режим на квоти – велат од Владата.
(С. Бл.)












