Нови правила: Странците потешко ќе наоѓаат работа во Германија, иако компаниите „плачат“ по нив

451

Со новина што се чека Бундестагот да ја озакони, се отежнува патот за нелегална работа, особено во фризерската и во козметичката индустрија, вклучувајќи ги и салоните за нокти. Од друга страна, се преполовува квотата за поедноставено вработување на луѓе од Западен Балкан, иако фирмите, особено од градежништвото бараат да се удвои, што може да предизвика бран на вработувања на црно. Новина е и тоа што странците кои ќе останат без работа во Германија потешко ќе доаѓаат до брошурите со информации за социјална помош, зашто наскоро ќе се објавуваат само на германски јазик

 

 

 

Германската влада, предводена од новиот канцелар Фридрих Мерц, неодамна одобри закон за борба против нелегалната работа и перењето пари, особено во фризерската и во козметичката индустрија, вклучувајќи ги и салоните за нокти, објави Германската информативна агенција.

Тој закон, што се очекува Бундестагот наскоро да го донесе, ги обврзува вработените секогаш кога се на работа да имаат документ за идентификација, за да го покажат за време на инспекциите. Тоа правило веќе важи, на пример, во градежништвото и во угостителството.

Некои фризерски салони, според Владата, се особено познати како жаришта не само за нелегално вработување туку и за перење пари. Тие се вклучени и во други форми на организиран криминал. Во исто време, во салоните за маникир има многу нелегална работа и експлоатација.

– Заземаме построг став кон оние што се збогатуваат на сметка на јавноста и на грбот на нелегално вработените работници – рече министерот за финансии, Ларс Клингбеил.

Освен промените што се очекуваат за подобрување на условите за работа на вработените, законот треба да обезбеди околу две милијарди евра дополнителен приход за државата, покраините и фондовите за социјално осигурување до 2029 година, според Министерството за финансии.

Но, со други планови, германската Влада, всушност, го отвора патот за нелегално вработување. Во најава е преполовување на годишната квота за работници од земјите од Западен Балкан, која досега им дозволуваше на 50.000 луѓе годишно да добијат работни дозволи во Германија под поедноставени услови. На германските компании, особено на оние од градежништвото, угостителството, логистиката и транспортот, тоа не им оди во прилог зашто им го затвора патот до обезбедување  работна сила. Трговската и индустриска комора на Баден-Виртемберг, која обединува околу 650.000 компании, се спротивстави на таа регулатива и побара наместо да се намали, квотата да се прошири. Германските работодавци потсетуваат дека 58 проценти од луѓето кои емигрирале преку балканската квота се вработени како експерти и специјалисти.

Германските медиуми наведуваат дека планираното преполовување на квотата за работници може најмногу да му наштети на градежништвото, зашто од 50.000 годишни визи, дури 44 проценти се издадени за градежниот сектор. Евалуацијата на Институтот за истражување на пазарот на трудот и занимањата, како што пренесува ЦДМ, покажала дека не се оствариле стравувањата дека овие работници ќе зависат од социјалните системи, туку напротив, тие покажале најдобри резултати во однос на квалификациите, платите и ниската стапка на користење на социјалните бенефиции во споредба со другите мигранти.

За мигрантите во Германија Владата на Мерц најавува уште една новина што нема да им се допадне. Федералната агенција за вработување ќе престане да ги објавува информациите за парична социјална помош на повеќе јазици. Како што пишува „Билд“, според изјава на портпаролката на Федералната агенција за вработување, во иднина се планира брошурата „Кратки информации за финансиска помош“ да се објавува само на германски и на поедноставен германски јазик (Leichte Sprache). Сега таа информативна брошура се печати на арапски, бугарски, англиски, француски, фарси (персиски), романски, руски, украински и турски јазик. Министерството за труд сè уште координира кои други „материјали и информативни страници“ би можеле да се укинат, но се очекува и понатаму да остане англиската веб-страница.

ИЗДВОЕНИ