Поттикнување на меѓународната соработка и создавање нови можности за македонските компании на глобалната сцена. Ова се овозможува со Меморандумот за соработка кој го потпишаа Македонската Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ) и Кинеската комора за е-трговија (CECC) со кој се поставуваат основите за заедничка соработка и развој на партнерства во областа на електронска трговија и дигиталната економија. Потпишувањето претставува значаен чекор напред во насока на унапредување на прекуграничната е-трговија, размена на знаења и информации, и градење на долгорочни партнерства меѓу македонскaтa и кинеската бизнис заедница.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков активно работи на воспоставување на партнерства и истражување можности за меѓународна соработка. Е-трговијата во Кина е меѓу најразвиените и најиновативните во светот, а можностите за остварување на соработки се големи.
“Екосистемот на е-трговија во Кина е неверојатно развиен и интегриран, од кој што има многу што да се научи. Купувањето онлајн е дел од секојдневие за милиони луѓе. Она што го прави исклучителен овој систем е тоа што целата инфраструктура – од нарачка, плаќање, складирање, па сè до достава е дигитално поврзана и автоматизирана. Технологијата е длабоко интегрирана во секој аспект од животот со цел да го направи функционирањето поефикасно и поорганзирано. Брзата испорака на пратки во толку големи градови е возможна благодарение на густата мрежа на магацини (fulfillment центри) што се поставени близу до градовите; автоматизација и роботизација во складиштата; интегрирани логистички системи; достава со лесни електрични возила. Покрај тоа мрежата на out-of-home delivery е широко распространета, со густа мрежа на пакетомати за самостојно подигнување на пратките, објасни Ангеловска Станков.
Во рамки на посетата, Ангеловска оствари повеќе средби со претставници од Кинеската комора за е-трговија, на кои беа разгледувани конкретни можности за соработка, размена на знаења и искуства, поддршка за македонските компании, како и отворање на нови канали за зголемување на увозот и извозот и пристап до нови пазари за членките на АЕТСМ.
Меморандумот со Кинеската комора за е-трговија (CECC) предвидува соработка во неколку клучни области, вклучувајќи промоција и поддршка на прекуграничната е-трговија помеѓу двете земји, размена на информации, добри практики и политики, како и организирање на заеднички настани, бизнис средби, вебинари и саеми. Дополнително, меморандумот опфаќа поддршка на извозно-увозни активности на членовите на двете организации и поттикнување на еднаквост и вклучување на жените во е-трговијата и дигиталната економија.
Кинеската комора за е-трговија (CCEC) е национална корпоративна организација во електронската индустрија, составена од компании, здруженија и индустриски тела кои се занимаваат со производство, дистрибуција и истражување на електронски производи. Комората брои над 16.000 компании членки.
-Со овој меморандум воспоставуваме стратешко партнерство помеѓу Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија и Кинеската комора за е-трговија за унапредување на соработката во областа на е-трговијата и дигиталната трговија. Тој ги опфаќа областите на соработка како што се размена на експертиза, заеднички настани и поддршка за членовите, со заедничка посветеност на инклузивен раст и родова еднаквост во дигиталната економија.“, изјави Лин Ханџонг, Заменик генерален секретар на CECC.