Доколку има драстично зголемување на цените на прехранбените производи, на крајот од месецов ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годинава, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој не ја исклучи можноста од замрзнување на маржите до крајот на годинава и покрај тоа што нема информација за големо поскапување на производите според бројките што му ги претставил пред два дена ресорниот министер, Бесар Дурмиши. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија, ја поздравуваат најавата на премиерот за можно подолгорочно замрзнување на маржите на основните прехранбени производи и додаваат дека не треба да се носат вакви мерки само пред избори, туку треба да траат и по изборите.
– Ги следиме состојбите, разговарав со министерот пред два дена, имавме состанок и ми покажа бројки. Немам таква информација дека се случува тоа, но доколку се случува, на крајот од месецов автоматски ќе бидат применети мерки што ќе траат до крајот на годинава. Јасно кажавме дека нема да толерираме такви трикови. Слушаме за трикови со кои, преку прокси правни лица, ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг-услугите, пиар-услугите, а со тоа практично ќе се плаќа маржата на одредени маркети. Слушаме, стигнуваат до нас тие информации. Вознемирени сме од тоа што го слушаме и не е добро тоа што го слушаме, затоа што не можеме да градиме партнерски однос на тој начин – изјави Мицкоски.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, рече дека е добро да продолжи мерката за замрзнати маржи до крајот на годинава, бидејќи откако се тргнаа замрзнатите маржи, цените на основните прехранбени производи отидоа до плафон.
– Мерките треба да траат подолг временски период и да не се носат само поради изборите, туку да траат и по изборите. Откако се тргна мерката за замрзнати маржи, цените во маркетите се вивнаа нагоре. Така, сега, доколку се донесе одлука да се врати мерката, треба и центите да се вратат назад. Ако се замрзнат маржите на овие цени, ништо не сме направиле. Значи, ако решат повторно да воведат замрзнати маржи, треба да ги земат предвид цените на прехранбените производи пред 1 мај, односно кога сè уште важеше мерката – изјави Лончар-Велкова за весникот ВЕЧЕР.
Според неа, за да имаат поголем ефект врз животниот стандард на граѓаните и за да ги дисциплинираат трговците, мерките треба подолго да траат, а не само по месец-два.
– Нема толкаво покачување на платите за цените толку да отидат нагоре. Цените на храната во Македонија се повисоки од оние во Србија и се меѓу највисоките во регионот. Поради тоа, граѓаните ја трошат речиси цела плата на храна и на сметки и немаат пари за други производи. Со тоа се менува и структурата на потрошувачката и другите трговци не може да опстанат. Со други зборови, не ни остануваат пари за одмор, за нови патики, фустан… – појаснува претседателката на ОПМ.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, минатата недела изјави дека инспекторите од Државниот пазарен инспекторат се на терен за да утврдат дали трговците, дистрибутерите или производителите имаат девијантно однесување, односно дали има зголемување на цените на прехранбените производи. Доколку се утврди зголемување на цените на производите, ќе се преземат поригорозни мерки, рече Дурмиши, посочувајќи дека меѓу мерките за кои се размислува е и покачување на процентот на маржата.
(А.С.)