Општина Гази Баба ги унапредува условите за настава во ООУ „Наум Охридски“ – Булачани и Црешево. Станува збор за инвестиција во нов училиштен инвентар.
– Во текот на зимскиот распуст, училиштето реализираше важен проект за набавка на нов училиштен инвентар. Во рамки на оваа инвестиција се обезбедени нови училишни клупи и столчиња за сите училници во матичното училиште во Булачани, како и за подрачното училиште во Црешево. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на условите за работа и за учење на учениците. Новиот инвентар овозможува покомфорна, побезбедна и пофункционална наставна средина, што директно влијае врз концентрацијата, мотивацијата и целокупниот успех на учениците – соопштија од Општина Гази Баба.
Градоначалникот, Бобан Стефковски, нагласи дека со вакви проекти се испраќа јасна порака дека грижата за најмладите е приоритет на Општината.
– Создавањето квалитетна и современа образовна средина е темел за правилен развој и за успешна иднина. Продолжуваме континуирано да инвестираме во образованието, затоа што силно верувам дека токму овие вложувања се вложувања во иднината. Нашите ученици заслужуваат услови што ќе им овозможат да растат, учат и да напредуваат во безбедна и мотивирачка средина – заклучи Стефковски.












