По првите 100 дена од мандатот, локалната власт најавува засилена реализација на капитални инвестиции во образованието, спортот и комуналната инфраструктура. Фокусот останува на целосно укинување на листите на чекање во градинките, модернизација на училиштата и подобрување на квалитетот на живот за сите жители

Отворање две нови градинки, изградба на ново училиште во Драчево, доградби на постојните образовни објекти, нови спортски сали и реконструкција на култната сала „Расадник“ се дел од проектите што ќе се реализираат во наредниот период во Општина Кисела Вода, најави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска при отчетот за првите 100 дена од мандатот.
На прагот е отворањето на новите градинки во „11 Октомври Згради“ и „Потстаница“, а во тек е изградбата на објектот во „Расадник“, со цел целосно укинување на листите на чекање. Паралелно, со владина поддршка, се вршат доградби во основните училишта „Невена Георгиева-Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и изградба на ново училиште во село Драчево.
Во областа на спортот, се градат сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а предвидена е и целосна реконструкција на салата „Расадник“ во соработка со Министерството за спорт. Во тек е и изградба на два нови паркинга и на дел од планираните 10 детски катчиња, од кои едното во Драчево и другото во населбата Дупки.
Во комуналната инфраструктура продолжува изградбата на фекална канализација во Бабин Дол и атмосферска мрежа на улицата „Томе Арсовски“, како и реконструкцијата на повеќе сообраќајници.
По најавата за идните активности, градоначалничката направи пресек на сработеното во изминатите 100 дена под слоганот „100 дена, 100 дела“.
– Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Дел од проектите се веќе завршени и пуштени во употреба, а дел се во напредна фаза. Голем дел ги реализираме самостојно, а значаен дел со поддршка од Владата – истакна Стаменкоска Трајкоска.
Реконструирани се клучни сообраќајници, меѓу кои „Ѓорѓи Димитров“ и „527“, а при крај се зафатите на „Жил Верн“ и „Саса“ со нејзините краци. Во делот на екологијата, исчистени се 27 диви депонии, поставени се 15 специјализирани контејнери за текстилен отпад, а во изработка се уште 15 нови. Во соработка со ЈП Национални шуми најавено е засадување на 3.000 садници.
Како историски исчекор во општествениот живот беше издвоено отворањето на кино во село Драчево – прво кино во село по повеќе децении. Отворен е и нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево, а во завршна фаза е и едукативно-терапевтски центар во Црниче, наменет за деца со дислексија, дисграфија и дискалкулија.
Градоначалничката се заблагодари на Советот, општинската администрација, Владата, на Градот Скопје и на сите институции и граѓани кои придонеле во реализацијата на проектите.
– Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Ова беа 100 дена и 100 дела од бројните што следуваат. Продолжуваме понатаму, заедно – порача Стаменкоска Трајкоска.
(С. Бл.) – фото. Петр Стојановски












