Во основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“, на територијата на Општина Аеродром, се привршуваат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година. В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, ги посети овие училишта, каде што се одвиваат градежни активности за нивно реновирање.
– Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше реновирана училишната спортска сала, која ќе овозможи подобри услови за спортски активности на учениците. Во основното училиште „Блаже Конески“ се молерисуваат ѕидовите и се поставува фасада на новиот дел од објектот, каде што неодамна беа инсталирани прозорци, што значи дека училиштето ќе биде енергетски ефикасно. Во ОУ „Љубен Лапе“ целосно е реновиран главниот влез, вклучувајќи нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и на скалите, како и железна ограда за поголема безбедност на учениците. Исто така, се реновираа две училници и се варосаа ходниците на првиот кат, а се реновира главниот влез и во училиштето „Александар Македонски“ – информираат од Општина Аеродром.
Митески истакна дека целта е секое дете да учи во безбедна и современа средина.
– Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците – изјави Митески.