Започнува најголемата енергетска обнова на државните институции. Владата го усвои тригодишниот план на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) за модернизација на 14 јавни згради. Во периодот 2025 – 2028 година, ќе се реконструира годишно најмалку по 3% од вкупната корисна подна површина (102.992 м²) на јавните згради во кои се сместени 33 државни институции со над 5 илјади вработени.

– Притоа, мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја реконструкција со цел да се намалат енергетските трошоци, да се подобрат условите за работење, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди – информираат од МЕРМС.

Планот ги групира зградите според нивната состојба и итноста на интервенција. Така, во првата група ќе бидат опфатени објектите што се во лоша состојба, како зградата на Министерството за здравство (заедно со Институтот за јавно здравје и ДСЗИ), зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.

Во втора група ќе се реконструираат објекти кои што се во добра состојба, но и кај нив има значајни потреби од санација, а тие се: дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и големиот административен блок вселен во зградата на поранешниот НИП „Нова Македонија“, а тоа се МИОА, МОН, МЛС, ДИК, Агенцијата за лекови, УМЕ и Секретаријатот за законодавство.

Во трета група ќе бидат опфатени осум објекти претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.

– Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката. Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Паралелно, планот ги намалува емисиите на ЦО₂ за 29%, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини – потенцираат од МЕРМС.

Индикативната вредност на Планот изнесува околу 11,11 милиони евра, вклучувајќи технички контроли, проекти, надзор и изведба. Процесот ќе се одвива во координација со сите 33 институции чии објекти се предмет на реконструкција.

– Министерството ќе работи на обезбедување финансиски средства, воспоставување функционална единица за спроведување, како и брза подготовка на документацијата потребна за старт на реконструкциите – велат од МЕРМС.

ИЗДВОЕНИ