Илон Маск, принцот Ендру, Питер Тил, Стив Бенон, Бил Гејтс и други познати личности се најновите кои се именувани во врска со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, во третата серија документи предадени на конгресниот надзорен комитет.
Повеќе од 8.500 нови досиеја објавени во јавноста од страна на демократите во комитетот на Претставничкиот дом на САД открија врски со неколку познати личности со Епштајн. Документите вклучуваат пораки, дневници за летови, финансиски книги и распореди.
Според белешките на Епштајн, шефот на Тесла, СпејсИкс и Икс, Илон Маск, бил поканет на озлогласениот остров Мал Сент Џејмс во декември 2014 година. Маск претходно изјави дека ја одбил поканата и дека немал никаква врска со Епштајн, негирајќи какво било кривично дело, објави Би-Би-Си.
Во дневникот за летови од 2000 година, принцот Ендру, војводата од Јорк, бил наведен како патник на лет од Њу Џерси до Флорида со Епштајн и неговата партнерка Гислен Максвел. Во финансиските документи се споменуваат и плаќања за масажи за „Ендру“, но не е потврдено дали станува збор за принцот. Тој ги негираше сите обвинувања.
Межу „партнерите“ е и Питер Тил, како и поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон.
Документите, исто така, откриваат дека републиканскиот претприемач и донатор Питер Тил требало да руча со Епштајн во ноември 2017 година, додека поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон, бил наведен на распоредот за појадок на 17 февруари 2019 година. Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, е споменат во контекст на планираниот појадок во декември 2014 година.
Нема индикации дека лицата именувани во документите биле свесни за криминалните активности на Епштајн. Епштајн почина во затвор во 2019 година, додека чекаше судење за трговија со луѓе и сексуална експлоатација на малолетници. Гислен Максвел отслужува 20-годишна казна затвор, а нејзините адвокати се обидуваат да ја оспорат пресудата.