Пoранешниот руски министер за транспорт, Роман Старовоит, беше пронајден мртов со прострелна рана во својот автомобил, само неколку часа откако беше објавено дека е отпуштен, објави Скај њуз.
Старовоит, поранешниот гувернер на Курската област, наводно извршил самоубиство, а веста за неговата смрт дојде откако беше отпуштен од функцијата министер за транспорт од страна на рускиот претседател Владимир Путин.
„Телото на поранешниот министер за транспорт на Руската Федерација, Роман Владимирович Старовоит, беше пронајдено денес во неговото лично возило со прострелна рана во Одинцовскиот округ“, се вели во соопштението на Рускиот истражен комитет.
Сменет поради корупција
Околностите за смртта на Старовоит сè уште се истражуваат, а во соопштението за медиумите се додава дека главната верзија е самоубиство.
Старовоит беше назначен за министер за транспорт во мај 2024 година, откако речиси пет години беше гувернер на Курската област, која граничи со Украина.
Да потсетиме, според информациите на каналот 112, поранешниот гувернер на Курската област Алексеј Смирнов, кој претходно беше уапсен за проневера при изградба на заштитни објекти, претходно сведочеше против Старовоит. После тоа, Старовоит беше разрешен од функцијата министер за транспорт.