Со новите автопатски делници, обиколница и продолжување на трасата Фариш – Прилеп, градот под Марковите Кули и Југозападниот Регион добиваат современа и побрза патна инфраструктура која ќе ја олесни поврзаноста и економскиот развој
Интензивно се работи на изградбата на автопатот Прилеп – Битола, дел од Коридорот 10д, во должина од околу 40 километри, кој го гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Финансиската конструкција за оваа делница е проценета на 260 милиони евра според студијата за оправданост.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој: продолжување на изградбата на автопатот Прилеп – Битола, започнување на изградба на нов автопат од Фариш до Прилеп и создавање нова обиколница за градот, со цел тешките возила да не влегуваат во центарот.
– Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени првите километри асфалт. Владата целосно ќе го финансира проектот за обиколница, кој ќе се реализира во рамки на мандатот на градоначалникот. Во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп, исто така, да одиме со автопатско решение, за да овозможиме Прилеп од двете страни да се поврзе со автопат – изјави Николоски.
На настанот „100 дена локална власт“ во Прилеп, министерот ја нагласи поддршката на Владата за општината и градоначалникот Дејан Проданоски, обезбедувајќи средства за инфраструктурни проекти, стопанство и земјоделство.
– 100 дена е краток период, но веќе се гледа развојот на општината за следните четири години и сум уверен дека овој мандат ќе биде исклучително успешен – додаде Николоски и истакна дека со овие проекти, Прилеп и регионот добиваат значително подобрена патна инфраструктура, која ќе овозможи побрз и поефикасен транспорт, ќе го намали товарниот сообраќај во градот и ќе го подобри економскиот и инфраструктурниот развој на југозападниот дел од државата.
Владата истовремено го реализира и проектот за автопатиштата Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, како и делницата Кичево – Охрид, додека за автопатот Скопје –Блаце постапката е завршена и се очекува одобрение од Европската банка за обнова и развој.
– Се надевам дека по завршување на зимата и подобрувањето на временските услови, ќе почне да се работи и на трет автопат, тоа е од Букојчани до Кичево. Автопатот Кичево – Охрид, кој беше заборавен за македонската јавност и на кој ништо не се работеше, веќе интензивно се работи. Триесет и седум километри се ставени во функција, секој месец има дополнителни активности – посочи Николоски.
Министерот за транспорт и врски очекува, а како што вели, како Влада имаат дадено збор, автопатот од Кичево до Охрид да се заврши во дадениот рок. Што се однесува на автопатот Скопје – Блаце, постапката е завршена и сега се очекува одговор од Европската банка за обнова и развој, која дава кредит за изградба на оваа делница.
(С. Бл.)












