Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека од почетокот на мандатот на Владата се воведени 23 нови директни летови, со што охридскиот и скопскиот аеродром веќе примија 3,5 милиони патници. Тој најави дека оваа година се очекува бројката да надмине 4 милиони, што ќе го постави Скопје како лидер по пораст во регионот.
Николоски нагласи дека Владата спроведува стратегија за привлекување нови авиокомпании и линии, со цел зголемување на туризмот и бизнис-патувањата.
– Почнавме сериозна политика на привлекување нови авиолинии и авиокомпании, имајќи предвид дека Македонија нема излез на море и дека аеродромите се нашиот единствен излез за да доаѓаат повеќе туристи и повеќе луѓе за бизнис и можност македонските граѓани да патуваат.
–Ако видите дека Македонија има 1,8 милион жители, тогаш е јасно дека бројот на авиопатници е далеку над бројот на населението што го имаме. Ако некои спинуваа, оваа година скопскиот аеродром ќе биде лидер со пораст во регионот на поранешна Југославија, што е гордост, имајќи предвид дека и Загреб, и Сараево, и Белград се поголеми градови од Скопје, што е додадена вредност – вели вицепремиерот Николоски.
Тој потсети дека се водат преговори за директни летови со Саудиска Арабија за воспоставување воздушен сообраќај меѓу двете земји, со што мрежата на летови за Македонија дополнително ќе се прошири.
– Очекувам и оттаму да објавиме директни летови до скопскиот и од охридскиот аеродром и ќе продолжиме со оваа политика на стимулирање авиолинии. Очекувам оваа година да поминеме 4 милиони патници, што ќе е апсолутен рекорд – истакнува вицепремиерот Николоски.












