Министерството за финансии изврши исплата од буџетот на две нови транши кон Развојната банка за поддршка на домашните компании. Имено, исплатени се транша во вредност од 305 милиони денари и транша од 568 милиони денари, односно вкупно 873 милиони денари или 14,2 милиони евра. Со исплатата на овие транши, вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 217,5 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании.
Владата ги обезбеди средствата преку кредитна линија од унгарската Експорт-импорт банка, со цел поддршка на домашната економија, а преку пласман на средства по поволни услови за компаниите за реализација на приватните инвестиции за развој на компаниите и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95 % годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс-период до 3 години.
Вкупниот износ на средствата за поддршка на домашните компании предвидени во буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестициите се проценува на околу 300 милиони евра.












