четврток, февруари 12, 2026
Дома СПОРТ ОСТАНАТИ СПОРТОВИ Новата зграда на Факултетот за физичко образование ќе стане регионален центар за...

Новата зграда на Факултетот за физичко образование ќе стане регионален центар за едукација, истражување и спортски развој

18

Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Проф.Д-р Влатко Неделковски ја прими Министерката за образование и наука на Македонија, Весна Јаневска по повод започнување на постапка за проектирање на новата, современа факултетска зграда, која ќе биде придружена со модерни спортски содржини и инфраструктура согласно највисоките европски стандарди.

На средбата, која се одржа во просториите на факултетот, деканот со деканатот ја истакна важноста на овој капитален проект за унапредување на високото образование во областа на физичката култура, спортот и здравјето, нагласувајќи дека новиот објект ќе овозможи квалитетни услови за настава, научно-истражувачка дејност и практична обука на студентите.

Со реализацијата на овој проект, создаваме современа академска средина што ќе ги задоволи потребите на идните генерации професори, тренери и спортски стручњаци. Новата зграда ќе располага со современо опремени предавални, лаборатории за функционална дијагностика и спортска медицина, мултифункционални спортски сали, фитнес-центар и отворени терени, истакна деканот, додавајќи дека станува збор за долгогодишна стратешка цел на факултетот.

Министерката за образование и наука ја поздрави иницијативата и нагласи дека инвестицијата во ваков тип на инфраструктура претставува инвестиција во здравјето, младите и иднината на државата. Таа потенцираше дека Министерството останува силен партнер во развојот на високообразовните институции и во создавањето услови за современо и конкурентно образование.

Развојот на спортската инфраструктура во рамки на високообразовните установи е од клучно значење за поттикнување на спортската култура, научните истражувања и практичната примена на знаењата. Новата зграда ќе придонесе за подигнување на квалитетот на наставата и зајакнување на меѓународната соработка, истакна министерката.

Проектот предвидува изградба на енергетски ефикасен објект со современи технички решенија, пристапност за лица со попреченост и интегрирани зелени површини. Се очекува новата факултетска зграда да стане регионален центар за едукација, истражување и спортски развој.

ИЗДВОЕНИ