Оваа алпска земја, со население од само 39.000 жители и стапка на невработеност од околу 2%, отвори голем број работни места со услови што привлекуваат работници од целата Европска Унија: плати до 8.000 евра месечно, а во некои случаи и бесплатен сместување, објавува nova.rs.
Според извештаите на порталите AS.com и EuropaExpress, работодавците во Лихтенштајн активно регрутираат преку мрежата EURES – официјалната платформа за вработување на Европската Унија. Апликациите се отворени за граѓани од сите земји-членки на ЕУ и Шенген зоната, а барани се широк спектар на професии – од техничари и фризери, до индустриски работници, негуватели и парови кои би работеле во домаќинства.
Земја со високи плати и ниски даноци
Лихтенштајн е познат по својот исклучително висок животен стандард. Просечната бруто плата е околу 6.800 швајцарски франци (околу 7.150 евра), додека вработените во ИТ секторот, производството и финансиите често заработуваат повеќе од 10.000 франци месечно.
Според порталот Informat.ro, работните места со пониски квалификации – како што се домаќинки, помошен персонал или работници во домови за стари лица – се плаќаат помеѓу 2.500 и 3.000 франци, но многу работодавци нудат бесплатен или субвенциониран смештај, дополнително здравствено осигурување и платена обука.
За менаџерски и специјалистички позиции, просечните плати се значително повисоки:
Генерален директор – околу 15.000 евра
ИТ директор – околу 13.000 евра
Менаџер на кол-центар – околу 12.900 евра
Од друга страна, професиите во образованието и социјалните услуги се платени малку поскромно – на пример, наставниците во градинка заработуваат околу 2.000 евра, а социјалните работници околу 2.300 евра месечно.
Кој може да аплицира
Позициите се отворени првенствено за граѓани на Европската Унија, но и за работници од земји кои имаат билатерални договори за мобилност со Швајцарија и Лихтенштајн. Она што особено ги привлекува кандидатите е фактот дека за повеќето работни места не е потребна универзитетска диплома – наместо формално образование, се вреднуваат работно искуство, практични вештини и познавање на германскиот јазик, кој е официјален јазик во земјата.
Како што наведува AS.com, за одредени работни места како што се домашна работа или угостителство, доволни се основни јазични вештини и подготвеност за работа во мали тимови.
Сите огласи за работа се објавуваат исклучиво на веб-страницата на EURES, што гарантира дека станува збор за легални и проверени понуди.
Стабилна економија и даноци кои привлекуваат работници
Лихтенштајн често се опишува како „швајцарски рај со почовечко лице“ – земја со речиси никаков криминал, добро организирана инфраструктура и најниска стапка на сиромаштија во Европа.
Нејзиниот даночен систем е еден од најповолните на континентот:
Данокот на добивка е само 12,5%
Данокот на додадена вредност (ДДВ) е само 8,1%
Во исто време, системот за социјално осигурување функционира беспрекорно – секој вработен има право на здравствено осигурување, пензиско осигурување и платен годишен одмор од најмалку четири недели.
Како што наведува EuropaExpress, „Лихтенштајн го напушти имиџот на даночен рај од минатиот век и денес се издвојува по својата транспарентност и усогласеност со правилата на Европската Унија“.
Работа без стрес, безбеден и уреден живот
Според локалната статистика, Лихтенштајн има една од најниските стапки на криминал во светот. Работното време во повеќето сектори трае 40 часа неделно, а законот пропишува пауза од еден и пол час за ручек – што е вообичаена практика во таа земја.
Вработените исто така уживаат високи еколошки стандарди: индустриските постројки мора да ги почитуваат прописите за заштита на природата, додека јавната енергија и транспорт се базираат речиси исклучиво на обновливи извори на енергија.
Поради сето ова, многу работници од Австрија, Швајцарија и Германија секојдневно ја преминуваат границата за да работат во Лихтенштајн, а интересот и од земјите од Источна Европа расте во последните месеци.