Еден од најпознатите македонски поп-пејачи, кој воедно е и еден од најсаканите кај жените, Влатко Лозаноски-Лозано, премиерно ја објави својата најнова песна со интересен наслов – „Купи ме“. За песната е реализиран и видеоспот, кој визуелно ја надополнува музичката приказна. Рамнодушни нема да има. Во спотот, покрај Лозано, настапува атрактивната манекенка Марта Михајловски, која ја толкува главната женска улога. Видеоспотот е во реализација на Гордан Божиновски, а продуцент е Верица Донев-Божиновски. Зборувајќи за новата песна, Лозано истакнува дека „Купи ме“ е стил на песна што најмногу го чувствува и најдобро му лежи на душата.
Лозано, како што сите нагалено го нарекуваат, открива дека паралелно течат и интензивните подготовки за големиот солистички концерт.
– Сериозно се подготвуваме. Работата е обемна. Ќе настапам со голем бенд. Исто така, работиме и на нови аранжмани, ќе имам и специјални гости и неколку сценски изненадувања – радосно изјавува Лозано.
Инаку, ова ново музичко издание доаѓа во пресрет на големиот солистички концерт на Лозано, кој ќе се одржи на 7 март, во арената „Борис Трајковски“. Концертот, во организацијата на „Еден на еден- продукција “ е најавен како целосен музичко-сценски настан со емотивен набој за кој долго ќе се раскажува. Сепак, многу детали се држат во тајност за да биде вистинско пријатно изненадување. Трпение, спасение! (Д. М.)












