За 20 дена ќе биде готова новата градинка во населеното место Потстаница, во населбата Драчево, најави денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, откако заедно со премиерот Христијан Мицкоски изврши увид на активностите на терен.
Во објектот со три занимални, со вкупна површина од 300 квадратни метри, ќе бидат згрижени 75 дечиња.
– Во Општина Кисела Вода, листите на чекање се сведени на нула и сме една од ретките општини што се отворени за згрижување дечиња од другите општини – изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи, ова е десетти ваков објект, се прави уште едно проширување во Драчево, каде што ќе бидат згрижени уште 60, а привршуваат и работите на градинката во Расадник, со капацитет за 125 дечиња.
Мицкоски најави дека ќе продолжат активностите за решавање на, како што рече, наследените проблеми со листите на чекање во градинките и со недостигот на кадар.
– Главен наш приоритет ќе продолжи да биде изградбата на инфраструктура, бидејќи демографијата е еден од водечките предизвици што ќе треба да ги совлада Владата – потенцираше Мицкоски.